Во пензија една година подоцна | Правдико

Правдико

   

Во пензија една година подоцна

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Дали Владата подготвува зголемување на возраста за пензионирање и тоа за една година повеќе од сегашните услови? Односно место со 62 години жените во пензија да заминат со 63 години, а мажите место со 64 години да се пензионираат кога ќе наполнат 65 години. Никој официјално не потврдува, но неофицијално оваа информација се’ повеќе се шири меѓу вработените во повеќе фабрики во државава, што предизвика нервоза кај работниците кои се на половина година пред пензионирање. И според извори на „Утрински весник“ од Владата, зголемувањето на старосната граница за пензија набргу ќе се најде на дневен ред пред министрите и премиерот. Предлогот за зголемување на годините за пензионирање, како што дознаваме, доаѓа од Министерството за труд и социјална политика.

DBFA598437FC27498719D5FD668545B8

Никој со сигурност не кажува кои се причината што државата сега игра на картата на зголемување на годините на староста за пензионирање, а тоа не го направи, на пример, ниту кога владееше економската криза. Но, според сегашната состојба на пензиската каса, но и онаа што со години се провлекува, повеќе од сигурно е дека финансиската состојба во пензискиот фонд станува се’ повеќе неодржлива. Финансиската зависност на пензиската каса од државниот буџет од година во година се зголемува, особено по секое зголемување на висината на пензиите. А таа не може да оди во недоглед, па очигледно се наметнува потребата да се зголемат годините за пензионирање или да се бараат други извори на финансирање. Моментно од пензиската каса се исплаќа пензија на околу 280.000 пензионери. 

Од Министерството за труд и социјална политика, вчера прашањето поставено од Утрински, ниту ја потврдија, ниту пак ја отрфрлија оваа информација дека се подготвуваат нови услови за пензионирање.

Ексдиректорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Беким Незири, инаку актуелен министер за економија, додека беше на претходната функција велеше дека државата прави се’ само да не дојде до зголемување на годините за пензионирање. Тој дури имаше идеја по примерот на турскиот пензиски фонд да отвори пензиска банка која колку-толку финансиски ќе ја помага пензиската каса.

Дали зголемувањето на старосната граница за заминување во пензија и овој пат ќе биде само пробен балон, останува да се види. 

Пред точно една година, исто така беше пуштена информација дека се подготвува пензионирање со собирање на годините на стаж и старост, но тоа не се случи. Тогаш се зборуваше дека во пензија жените ќе заминат ако вкупниот број на години и на стаж и возраст ја надминат границата од 80 години, а за мажите над 90 години. 

Извор: Утрински Весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико