Правдико

   

Петмина во полиција за тепачката во која е повреден Елвис Бајрам

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Петмина се повикани на разговор во полиција поради учество во тепачката во која беше повреден  кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, Елвис Бајрам, син на Амди Бајрам. Тој бил нападнат вчера попладне со секири и метални прачки, по што со тешки повреди на главата бил пренесен во Градската општа болница „8 Септември“.

Од МВР велат дека се преземени мерки за расчитување на настанот. „Во врска со вчерашниот случај на физичка пресметка помеѓу повеќе лица, кој се случи на улицата Гвадалахара во населбата Шуто Оризари, Министерството за внатрешни работи информира дека веднаш по добиената пријава за нарушување на јавниот ред и мир, преземени се мерки за расчистување на кривично-правниот настан. Идентификувани се и повикани на разговор пет лица кои учествувале во тепачката и во постапка е прибирањето докази за понатамошно постапување“, велат од полицијата.

Министерството за внатрешни работи најостро ги осудува сите облици на насилство, а особено во текот на изборната кампања. „Изборниот процес е наменет за преставување на кандидатите и нивните програми и Министерството смета дека тоа е единствениот начин преку кој граѓаните треба да бидат запознаени со учесниците во изборниот процес. Секаков обид за нарушување на демократскиот изборен процес и загрозување на безбедноста на граѓаните ќе биде соодветно санкциониран“, велат од МВР.

Елвис Бајрам бил нападнат додека со кандидатите за советници бил во посета на граѓаните на Шуто Оризари во рамките на предизборната кампања.  Член на штабот на Бајрам изјави дека биле нападнати пред штабот на противкандидатот на Бајрам, Курто Дудуш. Неколку непознати лица најпрвин почнале вербално да ги навредуваат, по што ги нападнале физички со тупаници, секири и метални прачки.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико