Правдико

   

Во сила Владините мерки за заштита од загадувањето

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

E69A6A40DAD03F40B4F190B94BA6D898Од денеска до 21 декември ослободени од работа ќе бидат бремените жени и лицата над 60 години во скопскиот, кичевскиот, тетовскиот и битолскиот регион поради загадувањето на воздухот кое деновиве е над дозволеното. Ова е една од повеќето краткорочни мерки што ги донесе Владата на РМ на седница поради неколкудневното континуирано загадување на воздухот во овие региони.

Како што истакна портпаролот на Владата Александар Ѓоргиев исто така се препорачува  работниците кои работат на отворено, како што се градежните работници тоа да го прават од 11 до 17 часот. Од една страна се заштитуваат работниците, а од друга страна со намалените градежни активности ќе се влијае на испуштањето на штетните честички во воздухот. Им се препорачува исто така на градинките, основните и средните училишта во деновите до сабота да не изведуваат активности на отворено.

– Ова е обврска и се однесува и за државниот и за приватниот сектор, изјави на прес-конференција Ѓоргиев, кој заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми ги соопшти мерките на Владата.

Црвениот крст, центрите за социјална работа и единиците на локалната самоуправа да имаат проактивен пристап за заштита на здравјето на некои од ранливите групи како старите лица, бездомниците и други.

Ѓоргиев информираше дека во наредниот период сите медицински и здравствени установи ќе бидат подготвени да примаат евентуален зголемен број пациенти.

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми посочи дека се препорачува во Градот Скопје и во општините Битола, Кичево и Тетово да се пренасочи движењето на товарни возила од периодот од 7:00 до 19:00 часот, односно во градот Скопје да се пренасочи движењето на товарните возила по обиколницата. Во другите градови се препорачува товарните возила да не се движат низ центарот во тој период освен возила коишто пренесуваат леб и лекови. Локалните самоуправи се повикуваат интензивно да ги чистат и мијат улиците.

– Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги пренасочува товарните моторни возила чија крајна дестинација не е Градот Скопје преку обиколницата на Градот Скопје. Се препорачува на Градот Скопје и општините Тетово, Битола и Кичево, интензивно да ги чистат улиците особено околу градилиштата, изјави Адеми.

Апелираше до граѓаните да користат јавен превоз. -Во овој период кога температурите се ниски, не може да ги повикаме граѓаните да користат велосипед, меѓутоа можеме оваа прилика да ја искористиме да ги повикаме да косистат јавен превоз, да не се возат со сопствени возила, да се возат повеќе лица во едно возило итн, изјави Адеми.

Министерот Адеми смета дека евентуална забрана за возење автомобили нема да дава ефекти. –  Напротив ќе создаваме метеж во сообраќајот и да создадеме други точки на загадување, застој во сообраќајот итн, изјави Адеми.

Адеми истакна дека според мерењата што се извршени во изминативе неколку денови најголемо загадување во овие региони е забележано во периодите од 7:30 до 11:00 часот  и од 17:00 до 21:00 часот.

– Според нашите податоци добиени од автоматскиот мониторинг систем за следење на квалитетот на воздухот во Скопје, Тетово, Битола и Кичево неколку дена има надминување на секојдневната гранична вредност, меѓутоа надминувањето на среднодневната гранична вредност не е во текот на целиот период на денот туку во одредени периоди и тоа од 7:30 до 11:00 и од 17:00 до 21:00 часот, изјави Адеми. Додаде дека во овие временски интервали загадувањето во овие четири региони било неколку пати помало.

Се задолжува Државниот инспекторат за животна средина во соработка со овластените инспектори за животна средина и комуналните инспектори на Градот Скопје и другите општини да вршат секојдневна контрола на инсталациите кои подложат на „А“ и „Б“ дозволи. Исто така да се контролриаат автосервисите и помалите капацитети за кои имаат сознанија дека користат употребувано масло за греење. Се препочува на компаниите кои добиле „А“ интегрирана дозвола, а кои се во општините каде се надминати вредностите да работат со редуцирано производство од нивните капацитети.

Министерството и општините се задолжени од Владата да изработат план за квалитет на воздух и краткорочен план за подобрување на квалитетот на воздухот, а онаму каде има индикации дека квалитетот на воздух се влошува да изработат исто вакви планови. Мерење на квалитетот на воздухот ќе се врши со мобилни апарати и во општините каде што тоа сега не се прави.

– Се задолжува Министерството за животна средина да предложи измени на Законот за квалитет на воздух со кои ќе се предвиди казна за одговорните лица во институцијата која е задолжена да подготви план за квалитет на воздух и краткорочен план за подобрување на квалитетот на воздухот во соодветната единица на локална самоуправа, изјави Адеми потенцирајќи дека ова се краткорочни мерки.

На седницата на Владата се препорача Македонски шуми да продолжи со садење дрвја.

Портпаролот на Владата Ѓоргиев рече дека пред донесувањето на мерките Владата ги разгледувала искуствата на другите градови, како Париз, Барселона, Лондон каде што има вакво загадување.

Ѓоргиев и Адеми информираа дека Владата може повторно да има седница во сабота, кога се очекува новата проценка на Управата за хидрометеоролошки состојби за временската состојба во земјата и ќе се разгледа повторно состојбата со загадувањето во Скопје, но и во другите делови од земјата.

Мерењата на Министерството за животна средина од шест часот утрово покажуваат многу високо ниво на концентрација на ПМ10 кај мерните станици за Центар, Лисиче и Ректорат. Високо ниво има и во Карпош, Кичево и Тетово. Во Центар, Лисиче и Ректорат концентрацијата е над 180 микрограми ПМ10 на метар кубен. Максимално дозволена концентрација на ПМ 10 во воздухот е 50 микрограми на метар кубен.

Извор: Дневник

Партнери на Правдико