Во целост прес-конференцијата на СЈО одржана на 14 Април 2016 г.
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Денес, на 14-ти Април 2016-та година Специјалното Јавно Обвинителство на чело со Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, одржа прес-конференција на која беше презентиран ставот на СЈО околу одлуката на претседателот на Р.М. Ѓорѓе Иванов за аболицирање на функционери и политичари. Исто така на ова обраќање до јавноста, тимот на СЈО ја најави и новата истражна постапка „Транспортер“. Во продолжение следува во целост транскрипт од денешната прес-конференција.
Катица Јанева:
Почитувани граѓани,
Како што и најавивме и како што гледате ние сме тука и работиме.
Најнапред сакам да Ви се заблагодарам за сета поддршка која ни ја изразувате. Вашата поддршка навистина ни значи, бидејќи нашата мисија е преку законито работење да се заштитат интересите на граѓаните. Цврсто сум убедена и верувам дека правдата ќе победи.
Разговорите од незаконското следење на комуникациите кои беа објавени минатата година и јавните објави за корупција доведоа до Пржинскиот договор и Парламентот ги усвои неопходните правни и финансиски мерки за формирање на ова Јавно обвинителство.
Ние работиме официјално од ноември 2015 година и од тогаш работиме совесно во насока на исполнување на нашиот мандат. Јавна перцепција е дека ние бевме многу ефикасни во нашето работење, за што сведочат и покренатите пет истражни постапки против вкупно 36 лица.
Без оглед на настаните кои се случија изминатите два дена, како што веќе кажав, ние продолжуваме со работата согласно Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и другите законски прописи. Впрочем денес сме тука за да ви ја најавиме новата истрага за случајот Транспортер. Детали ќе слушнете од колешката Фатиме Фетаи, додека колешката Ленче Ристоска ќе одговори на вашите прашања, по што јас ќе ви се обратам со завршна изјава.
Фатиме Фетаи:
Во досегашните предмети кои ги отвори ова обвинителство бевте запознаени со кривично – правните дејствија на осомничените, за кои постои основано сомнение дека се извршени во најголем дел од претставници на државната власт. Меѓутоа, таквите дејствија не им биле непознати и на претставниците на локалната власт во Република Македонија.
Денеска, ќе ја имате можноста изворно да се запознаете со веројатно најскапиот превоз за ученици во светот, кој го плаќал градот на конзулите од средства од Буџетот на Република Македонија, се разбира надвор од сите законски норми.
Имено, по воспоставување на надлежноста од страна на ова обвинителство, а врз основа на прислушкуваните разговори, за кои сигурно се сеќавате дека двајца министри, од кои едниот е сеуште министер за Финансии посочуваа коруптивни активности на Градоначалникот на општина Битола, ова обвинителство презеде повеќе истражни дејствија во насока на испитување на ваквите наводи. Ќе видите дека во овој случај Министерот за финансии не погрешил во својата проценка.
Всушност, предметот беше преземен од Основното јавно обвинителство Битола, кое исто така имаше отпочнато предистражна постапка и тоа обвинителство веќе имаше издадено наредба за економско вештачење за испитување на работата на општината во спроведувањето на јавни набавки за превозот на ученици.
Токму од вештиот наод на бирото за судски вештачења, како и од останатиот прибран доказен материјал обвинителството стекна сериозно уверување, се разбира во оваа фаза на ниво на основано сомнение дека општина Битола преку нејзиниот, сега веќе помилуван „градски татко“, веројатно плаќала поскап превоз за ученици во светот и од градоначалникот на Токио, со директни штетни финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија, а со тоа несомнено врз сите граѓани на оваа држава.
Имено, постои основано сомнение дека градоначалникот на општина Битола и Претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, формирана од Градоначалникот, во договор со директорите на основните и средните училишта во Битола и одговорните лица на превозниците ,,Хера-Турс“ ,,Транскоп“ АД, ,,Џем Турс“, ,,Боби Турс“, Џими турс, “ Д и А Хера транс “, “ Лука експрес “, “ Марија транс “, “ Турист превоз “, “ Хера превоз Новка “ и “ Гопеш транс “, нанеле вкупна штета на средствата од Буџетот на Република Македонија во износ од 22.024.891,00 денар или околу 360.000 евра, за само две учебни години.
Ваквиот износ на штета Кривичниот законик, конкретно членот 122 став 36 од истиот го класифицира како износ од големи размери, поради фактот што е поголем од износот на 250 просечни плати во Република Македонија во времето на извршување на делото.
Како што наведов, а ќе забележите и сами кога ќе Ви го презентирам начинот на кој инволвираните ја злоупотребиле службената положба и овластувањата, целокупните криминални дејствија имаат два константни учесници. Тоа се Градоначалникот на општината и Претседателот на комисијата за јавни набавки и сопственик на книговодствено биро кое водело книговодство на некои од превозниците кои ги добиле тендерите.
Тие учествуваат во сите дејствија. Тоа се 81 дејствие, кои се спротивни на Законот за јавни набавки, спротивни на склучените договори, спротивни на Законот за средно образованиe и спротивни на Законот за основно образование. Taкoв е ставот и на министерот за Финансии во споменатиот разговор, како што вели – коруптивни до даска. Со тоа што сега веќе тоа е став и на вештите лица, а произлегува и од останатиот прибран материјален и вербален корпус на докази.
Сега ќе ви презентирам неколку дејствија на извршување, за да не Ви одземам од Вашето времe, имајќи предвид колкав е интензитетот на настаните во државата. Имено, севкупно од страна на инволвираните се извршени 81 дејствие, меѓутоа на неколку различни начини на извршување и затоа ќе Ви презентирам дел од тие дејствија, а останатите одговараат на едно од нив. Поради тоа и некои од учесниците – осомничените се варијабилни. Како што кажав Градоначалникот и претседателот на комисијата се константа.
Имено, сега веќе помилуваниот градоначалник на Битола во 2009 година донел одлука за Јавна набавка за превоз на ученици, средства кои се наменска дотација обезбедени од Буџетот на Република Македонија.
По спроведена постапка од страна на комисијата за јавни набавки, Градоначалникот донел одлука со која за најповолни понудувачи биле избрани правните лица ,,Хера-Турс“ ДООЕЛ Битола, Транскоп“ АД Битола, ,,Џем Турс“, ДООЕЛ Битола и ,,Боби Турс“ ДООЕЛ Битола, како вршители на услугата. Веднаш потоа од страна на управителите на овие правни лица, вршители на услугата, градоначалникот како носител на јавната набавка и директорите на средните училишта, Др.Јован Калаузи, Таки Даскало, Јосип Броз Тито, Ѓорѓи Наумов, Јане Сандански и Кузман Шапкарев како корисници на услугата, биле склучени Договори за превоз на ученици.
Во договорите било предвидено да се формира комисија која ќе го следи исполнувањето на истите, составена од три члена и тоа од сите договорни страни по еден член.
Се чини дека до тука дејствијата се вршени по позитивните прописи, меѓутоа од тука натаму се е спротивно на тие прописи, кои веќе ги наведов, а ниту наведената комисија воопшто не била формирана.
Конкретно, иако ги знаеле сите факти за понудата, се разбира и цената дадена по авто денови, управителите на правните лица кои вршеле превоз на учениците фактурирале износи значително повисоки од износите понудени и прифатени во јавната набавка. Таквите фактури со недоговорените износи биле одобрени од осомничените како директори на средните училишта – корисници на услугата, кои за овие фактури сочинувале месечен извештај и истиот го доставувале до градоначалникот на општината, кој ги одобрувал ваквите износи во извештаите и ги потпишувал налозите за плаќање на таквите недоговорени износи, спротивно на јавната набавка.
Наплатата, била извршена во периодот 2012-2014 година, во најголем дел преку цесии, поради фактот што на училиштата им биле блокирани жиро сметките поради неисплатен превоз.
На ист начин е направена злоупотреба на буџетски средства и со основните училишта. И директорите на основните училишта во договор со градоначалникот и превозниците биле криминално инфицирани, како и нивните колеги од средните училишта и постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.
За управителите на превозниците во 2009 -2010 година како одговорни лица не е предвидена кривична одговорност при јавни набавки и затоа за тој период истите не го стекнаа својството на осомничени лица.
Секако дека со тоа не се исцрпени сите криминални дејствија за кои постои основано сомнение дека се извршени од помилуваниот градоначалник на Битола и останатите осомничени.
Имено, во учебната 2010-2011 година општина Битола преку градоначалникот го плаќала превозот на ученици на сите возможни начини со цел да го оштети буџетот на Република Македонија, а во корист на локалните правни лица кои вршеле превоз. Се работи за криминален потфат кој барал исклучителна посветеност и тешко е во вакви услови да Ви го претставам во детали.
Воопшто со неколку зборови локалната самоуправа на Битола преку градоначалникот превозот на учениците го плаќала и на правните лица за организиран превоз на ученици, меѓутоа и на транспортните претпријатија кои биле носители на општинскиот линиски превоз за потребите на сите граѓани на општина Битола, односно го плаќала два пати.
Сега ќе Ви презентирам по неколку дејствија од сите начини на извршување на кривичните дела, а како што кажав останатите се реализирани на ист или сличен начин со овие дејствија, но со различни износи.
Имено, на ДСУ „Јане Сандански“, превозникот ДСТУ ,,Хера Турс,, ДООЕЛ Битола, доставил 10 фактури во вкупен износ од 304.080,00 денари, иако понудената цена за истиот период е 133.035,00 денари на кој начин за превозникот прибавиле имотна корист од 171.045,00 денари, на ООУ „Александар Турунџев“ –с.Кукуречани Битола, превозникот Патнички сообраќај – Транскоп АД Битола, доставил 1 фактура во вкупен износ од 176.800,00 денари, иако понудената цена за истиот период е 84.000,00 денари на кој начин за превозникот прибавиле имотна корист од 92.800,00 денари. Ова се примери за учебната 2009 -2010 година, а останатите примери се за учебната 2010-2011 година.
Имено, на осомничениот директор на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, осомничениот управител на превозникот ДПТ ,,Боби Турс,, ДООЕЛ Битола, му доставил 2 фактури за превоз на ученици за линии кои не се предвидени во тендерската документација, во вкупен износ од 80.540,00 денари и истите се платени, со што за превозникот е овозможена имотна корист, без спроведена постапка за јавна набавка за тие линии, на осомничениот директор на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, осомничениот управител на превозникот Патнички сообраќај-Транскоп АД Битола, без спроведена постапка за јавна набавка и без склучен договор му доставил 5 фактури за превоз на ученици во вкупен износ од 1.476.200,00 денари и истите се платени, со што за превозникот е овозможена имотна корист, без спроведена постапка за јавна набавка за тие линии на осомничениот директор на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, осомничениот управител на превозникот ДПУТП Д и А Хера Транс ДООЕЛ Битола, му доставил 10 фактури за превоз на ученици, во вкупен износ од 115.263,00 денари, врз основа на склучен договор помеѓу општина Битола претставувана од градоначалникот и претседателот на комисијата за јавни набавки, училиштето претставувано од осомничениот директор и превозникот, претставуван од осомничениот управител, иако овој превозник врши општински линиски превоз и не бил избран за најповолен понудувач по групната јавна набавка за превоз на ученици во општина Битола, таквите фактури се платени, со што за превозникот е овозможена имотна корист, без спроведена постапка за јавна набавка за тие линии и на осомничениот директор на ОУ„Др.Трифун Пановски“ – Битола, осомничениот управител на превозникот ДПТШТУ ЏЕМ ТУРС ДООЕЛ Битола, му доставил 10 фактури во вкупен износ од 93.698,00 денари и истите се платени, иако фактурираната цена отстапува од Тарифата донесена од Советот на општина Битола, на кој начин за превозникот прибавил имотна корист од 93.698,00 денари. Од сево ова произлезе основано сомнение дека 22 лица ја искористиле својата службена и одговорна позиција за да работат исклучиво за свои лични интереси, се разбира лукративноста била врвна цел.
Поради тоа, денес е донесена наредба за спроведување истражна постапка против 22 лица, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 од КЗ. По однос на градоначалникот на општина Битола Владимир Талевски не е донесена наредба за спроведување на истражна постапка, поради правни пречки-помилување од страна на Претседателот на државата.
Против 11 лица до Основниот Суд во Скопје ќе биде поднесен предлог за определување најстрога мерка за обезбедување присуство во постапката- мерка притвор, поради постоење на сите основи предвидени во член 165 од Законот за кривичната постапка, за определување на ваква мерка.
Исто така, во интерес за надомест на штетата предизвикана со овие дејствија, што секако е врвен приоритет и на ова обвинителство и на сите граѓани на Република Македонија, до судот ќе бидат поднесени предлози за изрекување на мерки против имотот на дел од осомничените и на дел од превозниците како правни лица, кои поради кривичните дела стекнале имотна корист, со конкретно барање за забрана на располагање со истиот. Конкретно, ќе биде побарана забрана за располагање за 3 стана, 8 патнички моторни возила и 33 автобуси.
Секако таквите мерки ќе бидат побарани и против имотот на градоначалникот на општина Битола бидејќи помилувањето како акт на милостина од Претседателот, во овој случај само спрема градоначалникот, не ја опфаќа ниту имотната корист од кривичното дело, ниту штетата која е должен да ја надомести.
За тоа не е помилуван никој.
Сепак имајќи ја предвид содржината на неовластено прислушкуваните разговори и широкиот опсег на коруптивни дејствија кои се посочуваат во истите, ве известувам дека против градоначалникот на општината се води предистражна постапка и за други коруптивни активности, за кои сеуште Претседателот не го ослободил од кривично гонење.
Ленче Ристоска
Почитувани присутни,
Во текот на вчерашниот ден Ве замоливме да испратите прашања кои се предмет на Ваш интерес. Притоа најголем дел од прашањата се однесуваа на одлуките за аболиција донесени од претседателот Ѓорѓе Иванов. Претседателот Ѓорѓе Иванов во својата изјава наведе дека тој не ја донел одлуката според тоа кој на која политичка опција и припаѓа, дека никој не побарал од него аболиција и дека тој не консултирал никој пред да ги донесе одлуките за аболиција. Ние може да потврдиме дека Претседателот со сигурност не не консултирал нас ниту пак ние сме побарале од него да донесе такви одлуки. Ние исто така може недвосмислено да потврдиме дека ние не сме му дале податоци по однос на сомненија за сторени кривични дела и никакви имиња на лица кои се под истрага во ова Јавно обвинителство. За неговата одлука дознавме од прес конференцијата.
Одлуките на претседателот кои ни беа доставени се од навистина голем обем и содржат обемни податоци, така што во овој момент ние ги анализираме истите во насока на тоа да утврдиме кои лица и кои постапки беа предмет на јавна објава и беа познати на јавноста, како и дали одредени доверливи информации се објавени, имајќи предвид дека се водат и предистражни постапки. Повреда на член 369 од КЗ е да се потврди дека одредени лица и одредени активности се под истрага, поради што не сме во можност да ја коментираме листата на имиња на лицата кои се аболирани. Ние ќе продолжиме со нашата темелна анализа и доколку обезбедиме докази дека одредени доверливи информации беа неовластено објавени, ние ќе преземеме соодветни кривични активности против лицата кои се одговорни за таквото објавување на доверливи информации.
Ние исто така сме свесни за Законот за помилување како и за одлуката на Уставниот суд од 2012 година, кои беа често споменувани овие денови. Ние ги разгледуваме одлуките на Претседателот со цел да се осигураме дека истите имаат солидна правна основа и дека беа донесени во законска постапка.
Во оваа прилика во име на јавните обвинители од ова јавно обвинителство Ве известувам дека јавните обвинители не ги прифаќаат аболициите на Претседателот и дека со ваквото делување на Претседателот се штети на угледот на јавните обвинители од ова Јавно обвинителство.
Ние продолжуваме со нашите истраги во делот на незаконското следење на комуникациите, истражувајќи ги кривичните дела кои се поврзани и произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, онака како што законот пропишува. Ние ќе продолжиме да Ве известуваме за нашата работа во моментот кога истрагите ќе бидат комплетни и во целост ќе ја почитуваме тајноста на предистражната постапка. Имаме разбирање дека јавноста сака да ги знае сите детали, имиња, кривични дела, но додека нашата работа не доврши, не е соодветно, ниту пак законски да обезбедуваме вакви информации. Поддршката на јавноста многу ни значи и затоа ја бараме Вашата поддршка за нашата работа и да препознаете дека интегритетот на нашата работа зависи од почитувањето на доверливоста на истрагите.
Исто така ги повикуваме сите лица кои поседуваат материјални докази за прекршувања на законите на Република Македонија, да ги достават до ова Јавно обвинителство и доколку се во наша надлежност ние ќе спроведеме професионални, законски и целосни истраги. Доколку одредени наводни кривични активности не се во наша надлежност, тие ќе ги проследиме до надлежните обвинителства на натамошно постапување.
Воедно во однос на поставените прашања со кои се искажува грижа за идната работа на ова Јавно обвинителство во предметите во кои има аболирани лица сакаме да кажеме дека согласно член 97 од КЗ никој не може да ја задржи непосредната и посредна корист прибавена од кривично дело, а одлука за конфискација судот ќе донесе во постапка определена со закон и кога од правни пречки не е можно водење на кривична постапка спрема сторителот на кривично дело. Според тоа ние имаме законска обврска да ги продолжиме постапките со цел обезбедување на докази за противправно прибавена имотна корист и поведување на постапки за конфискација со цел имотната корист прибавена од кривични дела да не остане кај сторителите на овие дела и да се врати во Буџетот на Република Македонија, односно на граѓаните на Република Македонија. Со ова се одзема мотивот за сторување на кривични дела и се влијае на генерална превенција од криминалитетот.
Катица Јанева
На крајот уште еднаш сакам да ја искажам важноста на конфискацијата во кривичната постапка и дека никој не може да ја задржи непосредната и посредна имотна корист прибавена со кривично дело, при што би сакала да го цитирам и член 97 ст.3 од КЗ кој вели:
Одлука за конфискација судот ќе ја донесе во постапка определена со закон и кога од фактички и правни пречки не е можно водење на кривична постапка спрема сторителот на делото.
Ова значи дека и во случај на аболиција на сторители на кривични дела и постоење на правна пречка за водење на кривичната постапка, законска обврска на ова Јавно обвинителство е да се обезбедат докази за прибавената корист, која согласно законот мора да биде конфискувана. Сакам да истакнам и дека Република Македонија ги има ратификувано најзначајните меѓународни инструменти со цел сузбивање на транснационалниот организиран криминал во кој се пропишани обврски за примена на мерката конфискација во однос на сите приноси остварени со кривични дела. Тука би ги споменала конвенцијата од Палермо од 2000 година, како и Стразбуршката конвенција и Варшавската конвенција на Советот на Европа. Предвид наведеното ова Јавно обвинителство во иднина интензивно продолжува покрај другите и со финансиските истраги со цел незаконски стекнатата имотна корист да се врати во буџетот на Република Македонија, односно на граѓаните на Република Македонија.
Повторувам дека финансиските истраги интензивно се водат во ова Јавно обвинителство и од сите постапки кои се во тек, досега имаме податоци дека во периодот од 2008 до 2015 година од буџетот на РМ во приватни џебови е одлеан значителен износ на финансиски средства.
Ви благодарам на вниманието.
Извор: СЈО