Правдико

   

Во целост соопштението на СЈО за новоотворениот случај „Тортура“ во врска со апсењето на Љубе Бошковски

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Денес во просториите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се одржа прес конференција.

DSC_8297-1-300x209

Во продолжение Ви ги пренесуваме изјавите од прес конференцијата.

Специјален јавен обвинител Катица Јанева:

Дозволете да ви се обратам на денешната прес конференција која ќе ја започнам со цитирање на нашата основна мисија.  Раководејќи се од принципот на владеењето на правото и еднаквост на граѓаните пред уставот и законите преку професионално, транспарентно и независно постапување се стремиме да ја вратиме вербата на секој граѓанин во достижноста на правдата како и генерално да ја вратиме вербата на сите граѓани на република Македонија во правните вредности, за што гарант е автономноста на ова обвинителство.

Појдовна точка за нашето работење, како и за денешната прес конференција претставуваат темелните вредности на кои се заснова уставниот поредок на Република Македонија.  Дефинирани во член 8 од Уставот, а тоа се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Во оваа прилика неопходно е да ги споменам големата повелба за правата како и универзалната декларација за човекови права како фундаментални постулати на кој се темели донесувањето и на други документи со кои се штитат човековите слободи и права, а со кои акти е гарантирано и едно од основните права на човекот и граѓанинот а тоа е „правото на лична слобода на човекот и апсолутната забрана таа да му се одземе“ освен во случаи предвидени со закон и во пропишана постапка.

Уште повеќе една од нашите обврски претпоставува изградба на систем во кој се обезбедени сите предуслови кои овозможуваат висок степен на одговорност од страна на државните институции во насока на остварување на нивната обврска за почитување, заштита и развој на човековите права. Токму континуираното почитување на оваа обврска претставува и израз на нашата одговорност  за континуирано спроведување на уставниот принцип на општочовечки вредности и ориентацијата кон максимално обезбедување на сигурноста на личноста во сите сфери, како и обезбедување стабилност на институциите кои ги штитат и промовираат правата на граѓаните.

Во насока на реализација на оваа цел неопходно е континуирано и доследно почитување на вградените европски и меѓународни норми и стандарди за превенција од тортура и третман на лицата лишени од слобода во насока на што поголема заштита на правата на лицата чија слобода на движење е ограничена.

Овде би ја спомнала и европската  конвенција за човекови права која има за цел да обезбеди општо и ефективно признавање и исполнување на правата утврдени во неа, а чија основна цел  е заштитата и развојот на човековите права и основните слободи кои ги чинат темелите на правдата и мирот во светот и чија заштита, од една страна се засновува врз вистинската политичка демократија, а од друга страна врз заедничкото сфаќање и почитување на човековите права, од кои тие слободи зависат.

Универзалната димензија на овие документи кои воспоставуваат заеднички стандарди за почитување на човековите права кои се применуваат еднакво за сите, претставува гаранција за овозможување на сите лица да ги уживаат правата пропишани  со меѓународните инструменти за промоција и заштита на човековите права и основни слободи.

Во овој контекст сакам да потенцирам дека специјалното јавно обвинителство, поведува и води кривични постапки согласно законот за кривична постапка во рамки на кои ќе бидат заштитени и гарантирани правата на сите учесници во постапката, како од аспект на нивна безбедност, така и од аспект на обезбедување на сите процесни права, заради што цврсто сум убедена дека специјалното јавно обвинителство ќе ги даде очекуваните резултати и секое лице за кое е поведена предистражна, истражна и друга постапка ќе одговара за дејствијата кои ги презел, доколку со тие дејствија извршил кривично дело согласно со кривичниот законик на Република Македонија.

Во оваа насока се гради и имиџот на ова обвинителство во кој е неопходно како граѓани да бидете уверени дека никој во ова обвинителство нема желба да се промовира на било кој друг начин освен како синоним за професионални, објективни и непристрасни обвинители што претставува и наша лична должност и одговорност.

Преку нашето транспарентното и јавно работење во рамки на законски дадените овластувања  да влијаеме на целокупното зголемување на довербата на граѓаните во правосудниот систем. Оттука, специјалното јавно обвинителство ќе ги искористи сите расположливи механизми втемелени и гарантирано со домашното законодавство за обезбедување на материјални докази неопходни за објективно, независно и ефикасно постапување.

Значајната улога во градењето на правните рамки во областа на човековите права и слободи, како и за создавањето на правните норми во кои е декларирано почитувањето на приватниот живот има универзалната декларација за човекови права со која е превидена забрана за произволно вмешување или напади во приватниот и семеен живот на поединецот, како и напади врз неговата чест и углед обезбедувајќи истовремено правна заштита за секој поединец од ваквите напади и вмешување, што недвосмислено создава обврски на државите, како и на поединците за почитување на истите.

Од овие причини неопходно е да потсетам на фактот дека стратегијата на специјалното јавно обвинителство од почетокот на својата работа до денес во целост се темели на законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат за незаконското следење на комуникациите во периодот од 2008 до 2015 година, кој закон произлезе како резултат на објавувањето на извештајот на Прибе. Како што е познато во извештајот е констатирано прекршување на основните права на засегнатите поединци и сериозна повреда на законодавството за заштита на личните податоци, како и нееднаква примена на законите. Извештајот нотира итна потреба од надминување на оградувањето од одговорност на институциите и обидите за затскривање зад надлежностите на други институции како изговор за непостапување.

Истовремено во извештајот се акцентира потребата за промовирање на култура на владеење со преземање на одговорност поактивно да се допринесе за заштита на правото на приватност и заштитата на личните податоци, како и правото на независно и непристрасно судење.

Ги повикувам надлежните органи во Република Македонија, а особено собранието на Република Македонија како и сите останати тела и институции да ја превземат својата одговорност согласно својот мандат и во пракса да ја покажат подготвеноста за прифаќање и за доследно почитување на европските стандарди особено во однос на последното мислење на венецијанската комисија. Оттука, ги цитирам упатените препораки во однос на законот за заштита на приватноста со кои се нотира дека ‘законот има легитимна цел, но не остварува соодветен баланс помеѓу приватните интереси и интересот за информирање на јавноста од кои причини истиот треба да дозволи објавување на материјали кои се од јавен интерес, со некои потесно дефинирани исклучоци, поврзани со јавното објавување на информации за интимни аспекти од приватниот и семејниот живот, а особено прецизно дефинирање на обврската за предавање на материјалите на специјалното обвинителство која не треба да го исклучи објавувањето на такви материјали кои се однесуваат на работи од јавен интерес”.

Во оваа прилика сакам да ја информирам јавноста дека ова јавно обвинителство ја презеде целокупната документација која беше наведена во наредбата од судот за одземање на предмети од централниот регистар. Во конкретниот случај ја поздравуваме соработката со судот и изразуваме уверување дека сите институции од кои се побарани податоци или списи во рамки на законски дадените овластувања на ова обвинителство ќе постапат по нашите наредби.

Истовремено, сметам дека е потребно да ги информирам граѓаните дека ова јавно обвинителство во текот на оваа недела, а врз основа на законот за кривична постапка ќе поднесе барање за заштита на законитоста до врховниот суд на Република Македонија против решението  на кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција на основниот суд Скопје 1, Скопје  за незаконското лишување од слобода на осомничениот Едмонд Темелко.

Потврдуваме дека од 25.03.2016 година со решение воспоставивме надлежност над предметот во јавноста познат под името “шпион” и  во оваа насока од апелациониот суд Скопје побаравме да ни биде доставен овој предмет со сите списи заради наше натамошно постапување и одлучување. Дополнително.

Ова јавно обвинителство ќе воспостави надлежност над предметот попознат во јавноста како “Маџар телеком”, предметот против Зоран Верушевски за кривично дело “неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи” од член 396 од кривичниот законик и предметот оформен под ко 1 бр.55/2016 против Горан Верушевски од кои причини во текот на утрешниот ден до советот на јавните обвинители на Република Македонија ќе биде доставено барање за доставување на наведените предмети со сите списи до ова јавно обвинителство заради наше постапување во рамки на законските овластувања, бидејќи овие предмети произлегуваат од законот за специјалното јавно обвинителство и содржината на овие предмети се однесува на незаконското следење на комуникациите.

На оваа прес конференција ќе го објавиме започнувањето на нова истражна постапка против одредени лица кој предмет во специјалното јавно обвинителство се води под името тортура за што подетално ќе ве извести мојата колешка, јавната обвинителка Фатиме Фетаи, а потоа јавната обвинителка Ленче Ристоска ќе одговори на сите ваши прашања.

Јавен обвинител Фатиме Фетаи:

Почитувани Граѓани на Република Македонија, почитувани претставници на медиумите. После 45 дена од првата предметна пресконференција на ова обвинителство, еве повторно ја имам таа чест да на сите Вас Ви претставам уште еден мал сегмент од предметната работа на обвинителството, во откривање на казнивите поведенија за кое е основано.

Te nderuar Qytetare te Republikes se Maqedonise, te nderuar perfaqesues te mediumeve. Pas 45 dite nga konferenca e pare tematike per shtyp e kesaj prokurorie, ja, perseri e kam nderin qe te gjithe Juve, Ju prezantoj edhe nje segment te vogel nga puna tematike e prokurorise, ne zbardhjen e veprimeve te denueshme, per te cilat eshte e themeluar.

Овој воведен дел го изложив и на албански јазик со цел крикот за правда кој го пушта ова обвинителство биде подостапен и за граѓаните од албанската народност, а секако се обврзувам многу брзо на следните прес конференции да сегменти од истата претставам и на јазиците на останатите народи кои живеат во оваа држава.

Сепак, ова обвинителство беспрекорно ќе го почитува Уставот на Република Македонија и Законите и моето излагање ќе го изнесам пред Вас и пред целокупната јавност на јазикот на кој официјално се води кривичната постапка во Република Македонија, на литературен  македонски јазик.

На почеток, ќе Ви дадам мал вовед за предметот како би имале почетни сознанија за што ќе зборувам, со оглед дека овој кривично правен настан, и по форма и по содржина е сосема различен од претходниот, кој Ви го изложив.

Имено, различноста е огромна. Во претходниот кривичен предмет кој го претставив, врз основа на прибраните докази произлезе основано сомнение дека инволвираните лица со „беспрекорна“ дисциплина дејствувале во насока јавноста да не дознае за манипулациите во избирачкиот список, а со тоа и во изборите и во самото гласање. Меѓутоа, овде е сосема друга приказна.

Овде, врз основа на прибраните докази произлезе основано сомнение дека сите инволвирани, освен се разбира оштетениот,  биле живо заинтересирани целокупната јавност да ја види бескруполозноста на дел од полициските сили – алфи, во изведување на апсење на политички противник на партијата на власт, и која во тој период раководи со полицијата. Тоа во кривично – правниот речник се нарекува едноставно – Тортура. Таквото поведение е казниво по сите меѓународни стандарди. Kазниво е и според Кривичниот Законик на Република Македонија, директно со членот 142 од КЗ и членот 3 од Европската конвенција за човековите права.

Конкретно, ќе Ви ги презентирам дејствијата на директните извршители на нечовечкото постапување при лишувањето од слобода на Претседателот на партијата Обединети за Македонија – оштетениот Љубе Бошковски.

Однапред се извинувам заради фактот што во мојата презентација изворно ќе ги чуете зборовите кои биле користени за време на лишувањето од слобода, се работи за вулгарности, но сметавме дека тоа е единствениот начин пред јавноста да се изнесе поривот и мотивот кој ги следел полициските службеници во текот на акцијата, да го задоволат нарачателот.

Имено, од прибраниот доказен материјал произлезе основано сомнение дека на ден 06.06.2011 година, понеделник, поточно еден ден по завршување на парламентарните избори на кои најмногу пратенички места освои политичката партија ВМРО – ДПМНЕ, првоосомничениот како службено лице – директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, поради дискриминација по основ на поинаква политичка определба, ги навел останатите осомничени -полициските службеници во единицата Алфи да во вршењето на службата при лишување од слобода на осомничено лице-оштетениот Љубе Бошковски кај истиот да предизвикаат душевно страдање.

Првоосомничениот, по разработен оперативен план во МВР за лишување од слобода на лицето Љубе Бошковски, поради сомнение дека врши кривично дело Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања од чл.165-а од КЗ,  a заради одмазда спрема оштетениот поради политичките пораки кои му ги упатил на првоосомничениот во текот на изборната кампања, ги навел полициските службеници задолжени да го извршат лишувањето од слобода да за време на лишувањето кај оштетениот предизвикаат душевно страдање.

Моќта, и на функцијата, и воопшто општата претстава за личноста на Директорот на УБК произвела беспоговорно постапување на полициските службеници и сервилна покорност на неговите наредби, вклучително и на оние наредби како оваа, со која директно се напаѓа човековото достоинство.

Така, истиот ден во времето на лишување од слобода од 14.30 до 16:00 часот на паркингот пред ресторан „Воденица“ на ул. „Иво Лола Рибар“ бб во Скопје, без да постои било каков отпор од страна на Љубе Бошковски, употребиле сила и закана и спротивно на Уредбата за употреба на средства на присилба и огнено оружје ги пречекориле законските овластувања за употреба на средства за присилба.

Притоа второосомничениот, кој бил командант на единицата Алфи со зборовите, „Легнете го на земја, на земја да се апси“, „Легни го доле, легни го доле“, издал наредба за начинот на реализација на апсењето, по што трето, четврто, петто, шесто и седмоосомничениот употребиле прекумерна физичка сила, насилно го легнале на земја, удирајќи го оштетениот Бошковски по нозете и држејќи го за рацете.

Истите, го малтретирале, застрашувале и навредувале со зборовите “Шефот ми рече, шефот ми рече осум години затвор не ти бегаат“, „Нека лежи ѓубрето“, „Ајде сега нека лае против шефот“, „Пичка ти материна“, „Ти дојде моментот“, „Дојде моментот да се реванширам“, „Да ти ебам жената“ и други вулгарни зборови и пцовки спрема неговата мајка, сопруга и деца, а во тие моменти третоосомничениот му го ставил и пиштолот на левиот образ, упатувајќи му ги  зборовите „бел ден да не видиш“.

Ова не било крајот. Веднаш потоа го ставиле пред полски тоалет со лицето кон вратата на тоалетот и во таа положба го држеле повеќе од половина час, со цел истиот да биде снимен од медиумите, кои биле известени за настанот.

Според сево ова, не е тешко да се заклучи дека на оштетениот Љубе Бошковски му било предизвикано душевно страдање,  директно му било понижено човечкото достоинство и личност и го дискриминирале по политичка основа.  Впрочем, и вештачењето за неговата психофизичка состојба во тој момент, прибавено во предметот го потврдува сево ова.

Да заклучам. Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите дене отвори донесе наредба за спроведување на истражна постапка против седум лица поради основано сомнение дека сториле кривично дело Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување од чл. 142 став 1 од Кривичниот Законик.

Против сите лица, кои се во работен однос во Министерството за внатрешни работи до Основниот суд Скопје 1 Скопје ќе биде поднесен предлог за определување на мерка на претпазливост – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело. Ваквата мерка е предвидена со членот 146 став 1 точка 7 од Законот за кривичната постапка и сметаме дека во овој момент истата е неопходна како реакција на државата за дејствијата за кои постои основано сомнение дека ги извршиле осомничените.

На новинарски прашања одговараше јавниот обвинител Ленче Ристоска.

Извор: СЈО

Партнери на Правдико