Во загуба 25.000 фирми во Македонија
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Квантитативната димензија на претприемачката иницијатива во Република Македонија, во одреден степен, може да се согледа преку влезот и излезот од пазарот на нови економски субјекти, односно преку динамиката на годишната промена на новооснованите и банкротираните правни лица. Според податоците на Народната банка, првпат по 2010 година бројот на новооснованите правни лица во 2015 година забележал зголемување од 3,9 отсто. Учеството на новооснованите правни лица во вкупниот број активни правни лица веќе неколку години е на стабилно ниво од околу 15 отсто. Сепак, и покрај очигледниот пораст на претприемачката иницијатива во земјава е тешко да се работи, а најдобар показател за тоа е што од вкупно 70.139 активни деловни субјекти дури 25.951 фирма ја завршиле минатата година со загуба.
– Се чини дека со намалувањето на неопходното време за регистрирање правно лица, како и со олеснувањето на процедурите, се придонесе за елиминирање на поголемите осцилации кај стапката на промена на новоосновани правни лица. Сепак, треба да се има предвид дека олеснетите регистрациски процедури и услови при основањето правно лице, сами по себе, не носат гаранција за успех во деловниот потфат – укажуваат од Народната банка во извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија во 2015 година.
Доказ дека отворањето фирма не значи и гарантиран деловен успех е податокот дека повеќе од 37 отсто од вкупниот број субјекти во корпоративниот сектор забележале загуба во 2015 година.
– Овие субјекти зафаќаат околу 22 отсто од вкупните средства на корпоративниот сектор на крајот од 2015 година и на годишна основа бележат забележително намалено учество, за околу 12 процентни поени. Показателите за профитабилноста на претпријатијата што оствариле загуба од работењето бележат понатамошно влошување, што може да се толкува како јасен показател дека добар дел од овие субјекти имаат хронични проблеми од оперативна природа, најчесто во форма на недоволен обем на приходи и преголеми расходи што не можат да се избегнат, наедно располагајќи со поскромен обем на ликвидни средства – се вели во извештајот на НБРМ.
Оттаму укажуваат дека во услови на неповолен домашен амбиент и зголемена неизвесност за траекторијата на домашната побарувачка, постои ризик повеќето од претпријатијата што постојано бележат загуби да не можат да дојдат до потребните извори на финансирање и да се соочат со проблеми во своето работење.
Инаку, на крајот од минатата година бројот на правните лица над кои е отворена стечајна постапка забележа пад од над 13 отсто, со што и приближната стапка на банкротирани правни лица се намали за 0,6 процентни поени во 2015 година (од 3,8 отсто на 3,2 отсто). Сепак, бројот на правни лица со блокирани трансакциски сметки, независно од основата за блокадата, на годишна основа порасна за 5,5 отсто и е на релативно високо ниво, со учество во вкупниот број на регистрирани правни лица на крајот од 2015 година од над 32 отсто.
– Ова учество на лицата со блокиран пристап до платежни услуги, во комбинација со високиот и одржлив број деловни субјекти што прикажуваат загуба од работењето, како и показателите за деновите на наплата на побарувањата и исплата на обврските, претставуваат сигнали за можна потценетост на стапката на отворени стечајни постапки, што можеби укажува на постоење околности кога доверителите имаат мотиви за намерно одложување или тактизирање со поднесувањето формално барање за отворање стечајна постапка – велат во НБРМ.
Имено, во согласност со Законот за стечај, стечајната постапка може да се поведе по предлог за отворање стечајна постапка, доставен до надлежниот суд, од страна на самиот должник, доверител или на друго лице овластено со закон. Во практиката, вообичаено доверителите се оние што го поднесуваат ваквиот предлог до надлежниот суд.
– Меѓутоа, често се случува доверителите да не бидат подготвени за впуштање во стечајна постапка преку формално поднесување предлог до судот за нејзино отворање, поради нивните изградени ставови што дејствуваат демотивирачки, како на пример: мислењето за времетраењето на постапката и процедуралните можности за нејзино одолжување, висината на трошоците за водење на стечајната постапка, релативно нискиот процент на надомест на побарувањата во стечајната постапка и сл – истакнуваат во НБРМ.
Според показателите за стечајните постапки, презентирани во извештајот на Светската банка за водење бизнис во 2015 година просечното време потребно за целосно или делумно надоместување (наплата) на стечајните побарувања од доверителите изнесува 1,8 година, просечниот трошок за водење на стечајната постапка изнесува 10 отсто од вредноста на имотот на стечајниот должник, а просечната стапка на наплата (надомест) на стечајните побарувања изнесува 44,1 отсто.
Фото: Дарко Андоновски
Извор: Нова Македонија