Воен пуч во Тајланд | Правдико

Правдико

   

Воен пуч во Тајланд

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

По повеќемесечна криза во Тајланд, армијата изврши воен преврат. Тоа е неопходно за земјата „брзо да се врати во нормала“, тврди првиот човек на армијата Прајут Чан-оча.

download

Власта во Тајланд сега е во рацете на Национален комитет за слобода, кој се состои од „вооружени безбедносни сили, кралската авијација и полицијата“, изјави Чан-оча во кусото обраќање до нацијата, опколен од четворица високи армиски офицери. Со Комитетот ќе раководи тој лично, а преземањето на власта било неопходно со оглед на „насилството во Банкок и многу други делови од земјата“, рече Чан-оча.

Тој ги повика граѓаните на воздржаност и нагласи дека голем дел од владините службеници треба да продолжат со својата работа „нормално“. Генералот не кажа колку долго армијата ќе управува со земјата, но најави „политички реформи“.

Воениот пуч во Тајланд следува по неуспехот на вчера (21.05) почнатите преговори меѓу претставниците на владата, опозицијата и групите кои протестираат во земјата. Разговорите продолжија и денеска, но по неколку часа армијата соопшти дека ја презема власта. Веднаш е воведен ноќен полициски час во цела земја од 22 часот до 5 часот изутрина. Освен тоа, сите радио и телевизиски станици добија наредба да ја прекинат редовната програма и да емитуваат само емисии на армијата. Портпарол на војската соопшти дека тоа е направено со цел народот да ги дознае најважните новости.

Последен пат, тајландската армија интервенираше во 2006 година, кога го смени од функцијата тогашниот премиер Таксин Шинаватра. Од 1932 година, кога е укината апсолутната монархија, во земјата се изведени 11 воени удари.

Извор: DW

Партнери на Правдико