Впишување негативни поени наместо плаќање глоба за сообраќаен прекршок
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Кога полицискиот службеник ќе утврди дека е сторен сообраќаен прекршок за кој е предвидено издавање на мандатен платен налог, на сторителот на прекршокот ќе му врачи мандатен платен налог во кој се наведени битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, со лични податоци за прекршителот, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање, правна поука, како и други податоци, со рок од осум дена од денот на врачувањето на мандатниот платен налог да ја плати глобата во определениот износ.
Покрај предлогот сторителот да ја плати глобата во мандатниот платен налог се утврдува дека место глобата на сторителот може во рок од 30 дена да му се запишат негативни бодови. (Ова се однесува на прекршоците за кои е предвидено регистрирање на негативни бодови)
Доколку сторителот на прекршокот ја плати предвидената глоба во рок од осум дена од денот на врачувањето на мандатниот платен налог, е должен веднаш со истиот да приложи и банкарска или поштенска уплатница за извршената уплата на уплатна сметка во рамките на Трезорската сметка, во полициска станица, односно полициско одделение кој го издал мандатниот платен налог или во најблиската полициска станица, односно полициско одделение или на друг начин пропишан со посебен пропис.
Ако сторителот на прекршокот, доброволно не ја плати утврдената глоба во рокот, сторителот е должен во рок од 30 дена од истекот на законски предвидениот рок за плаќање на глобата, да ја донесе возачката книшка во полициска станица, односно полициско одделение за безбедност на патен сообраќај според местото на живеење, заради регистрирање на негативните бодови.
Ако сторителот доброволно не ја плати глобата или во рок од 30 дена не ја донесе возачката книшка заради регистрирање на негативни бодови, мандатниот платен налог има сила на извршна исправа и полицискиот службеник ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување.
За прекршоците, со кои е предвидено изрекување на мерка забрана на управување со моторно возило, полицискиот службеник ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд.
Ако возачот за период од последните три години постигне или надмине 100 негативни бодови во сообраќајот на патиштата, полицискиот службеник ќе достави барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд заради изрекување на прекршочната санкција престанок на важење на возачката дозвола во категоријата на моторното возило со која постигнал 100 негативни бодови.
–ПРАВДИКО–