Вработени во УЈП им помогнале на 37 фирми да избегнат даночни обврски
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Триесет и седум компании од Скопје потпомогнати од вработени во УЈП во текот на 2015 и 2016 година успеале да избегнуваат наплата на милионски долгови за данок на добивка, соопшти вчера директорката на УЈП, Сања Лукаревска. Таа информира дека меѓу компаниите има и приватни и државни фирми и оти повеќето од нив ѝ се познати на јавноста и се дел од листата на должници што ја објавува Управата за јавни приходи.
За случајот, како што рече директорката, против две лица вработени во УЈП се води дисциплинска постапка, но и дека истрагата ќе се проширува. Меѓу инволвираните, како што истакна, се и лица на високи раководни функции одговорни за мониторирање на системот.
– По основа на добиени информации и одредени сознанија за постоење незаконски дејства и интервенции во системот на УЈП за данок на добивка, утврдено е дека свесно и намерно со интервенција и насоки од вработени во УЈП, извршено е изземање на 37 правни лица од постапки на присилна наплата, односно овие фирми подолг временски период биле отстранувани од листите за генерирање опомени за наплата на долгови за данок на добивка, што е услов за почнување постапки за присилна наплата – рече Лукаревска.
Таа појасни дека сите 37 фирми биле ставени во привилегирана позиција на начин што во електронскиот систем на УЈП за данок на добивка била овозможена посебна програма за забрана за печатење опомени за долгови по основа на данок на добивка, која овозможувала подолг период, односно околу две години даночните обврзници да бидат изземени од постапки за присилно наплатување на евидентирани милионски долгови.
Таа истакна дека и покрај тоа што службите на УЈП имале обврска да го мониторираат целокупниот процес и да ги преземат сите неопходни мерки за издавање опомени во согласност со евиденцијата и состојбата на долговите за даночните обврзници и да преземат мерки за почнување даночни постапки, тоа не било сторено токму за овие 37 фирми, цели две години.
Лукаревска порача дека секој е должен да плаќа данок на начин утврден со закон.
– Никој нема да биде привилегиран надвор од законот, ниту даночните обврзници, ниту бизнисите, ниту сметководителите, ниту граѓаните, а најмалку вработени во УЈП. Злоупотреба на положбата на даночниот службеник за остварување каква било корист за друго службено лице или за друго правно или физичко лице нема да се толерира и за сите инволвирани ќе бидат поведени постапки – изјави Лукаревска.
Е.Р.
Извор: Нова Македонија