Вработување во државната служба преку објавување на јавен оглас | Правдико

Правдико

   

Вработување во државната служба преку објавување на јавен оглас

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

drzaven sluzbenikВработувањето во државната служба, односно во органите на државната и локалната власт и другите државни органи, основани согласно со Уставот и со закон, е уредено со Законот за државни службеници. Согласно истиот, слободното работно место во државната служба се пополнува преку следниве постапки:

-објавување на јавен оглас за вработување во државната служба,

-објавување на интерен оглас за вработување на државен службеник,

-преземање на државен службеник од еден во друг орган на работно место во исто звање,

-распоредување на државен службеник во истиот орган на друго работно место во исто звање и

-преземање на вработен од органите на државната и локалната власт, други државни органи или институции.

Што се однесува до вработувањето преку објавување на јавен оглас, Агенцијата за администрација јавниот оглас го објавува на својата веб страница (http://prijava.aa.mk/) и во најмалку два дневни весника од кои во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и во весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик. Кандидатот кој се пријавува на јавниот оглас неопходно е да ги исполнува со закон пропишаните општи услови (да е државјанин на Република Македонија, да е полнолетен, да има општа здравствена способност и со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна – забрана на вршење на професија, дејност или должност) и посебни услови ( да има соодветно образование, да има потребно работно искуство во струката и да ги исполнува другите услови утврдени во актот за систематизација на работните места).

Пријавата за вработување заинтересираниот кандидат може да ја поднесе во писмена форма преку пошта или во електронска форма преку интернет локацијата на Агенцијата за администрација (http://prijava.aa.mk). Рокот за доставување на пријавите изнесува 5 дена, сметано од првиот нареден ден од денот на објавувањето на огласот.

Постапката за селекција на кандидат за државен службеник се состои од административна селекција, испит за државен службеник и интервју. Во рок од 5 дена по истекот на рокот за пријавување Комисијата за селекција врши административна селекција, односно проверка на внесените податоци во пријавата за вработување со условите утврдени во јавниот оглас. Кандидатите кои ги исполнуваат условите, преку e-mail адресата наведена во пријавата за вработување или преку SMS порака, се известуваат за времето и местото на одржувањето на испитот за државен службеник.

Испитот се полага по електронски пат. Истиот се состои од 40 прашања организирани во два дела – општ дел (20 прашања од Уставот на РМ, законите и Европската Унија) и практичен дел, односно 20 прашања од областа на информатичко-комуникациските технологии. Прашањата и материјалите за подготовка на испитот се објавени на  веб страницата на Агенцијата за администрација. На кандидатите кои успешно го положиле испитот Агенцијата за администрација им издава потврда за положен испит за државен службеник со важност од две години, сметано од денот на полагањето на испитот.

drzaven sluzbenik2

По завршувањето на испитот Комисијата за селекција спроведува интервју со петмината најуспешни кандидати. По спроведувањето на интервјуто, а врз основа на резултатите од образованието, од испитот и од интервјуто, Комисијата за селекција, на веб страницата на Агенцијата за администрација, објавува ранг-листа на тројцата најуспешни кандидати. Истите, во рок од пет дена од денот на објавувањето на ранг-листата, се тестираат со единствен психолошки тест со аспекти на интегритетот на личноста на кандидатот, односно со тест батерија составена од психолошки тест и тест за интегритет. Трошоците за тестирањето паѓаат на товар на кандидатот.

Во врска со спроведениот единствен психолошки тест, односно тест батеријата, ангажираното лиценцирано стручно лице изработува мислења во кои ја проценува соодветноста на кандидатите за работното место и истите ги доставува до органот кој го објавил огласот за вработување. Мислењето од спроведениот единствен психолошки тест, односно тест батеријата, може да се користи и за друг јавен оглас за вработување, во период од три години сметано од денот на неговото издавање.

Секретарот, односно функционерот кој раководи со органот кој го објавил огласот за вработување, по добивањето на ранг-листата на тројцата најуспешни кандидати и мислењата за истите, е должен да изврши избор на кандидат. Избраниот кандидат, во рок од пет дена од денот на известувањето за извршениот избор, е должен да достави докази за исполнување на општите и посебните услови. Доказот дека на избраниот кандидат не му е изречена казна – забрана на вршење на професија, дејност или должност го обезбедува органот кој го објавил огласот за вработување.

Одлуката за избор на државен службеник се објавува на веб страницата и на огласната табла на Агенцијата за администрација. Против одлуката за избор незадоволниот кандидат, во рок од осум дена од денот на објавувањето на одлуката, може да поднесе жалба до Агенцијата за администрација. Против одлуката на Агенцијата за администрација незадоволниот кандидат има право на тужба до надлежниот суд, во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката.

По завршувањето на постапката за избор секретарот, односно функционерот кој раководи со органот кој го објавил огласот за вработување донесува решение за вработување на пробна работа. За избраниот кандидат за државен службеник од групата на раководни и стручни звања пробната работа трае 12 месеци, додека за избраниот кандидат за државен службеник од групата на стручно-административни звања пробната работа трае 6 месеци. Избраниот кандидат за државен службеник, кој по завршување на пробната работа е оценет со оцена „задоволува”, се стекнува со статус на државен службеник и се распоредува на работното место за кое бил на пробна работа

Автор: Наташа Стојчевска

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико