Врховниот суд одлучи – Шкотска нема право на референдум за независност без одобрување од Лондон
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Британскиот Врховен суд денеска пресуди дека Шкотска нема овластувања без одобрение од британската влада да одржи нов референдум за независност.
Таа пресуда е удар за кампањата на шкотската влада да се одвои од Велика Британија.
Врховниот суд пресуди дека шкотскиот Парламент „нема овластувања да донесува закони за референдум за шкотската независност“.
Претседателот на Врховниот суд Роберт Рид рече дека петтемина судии биле едногласни во одлуката донесена шест недели откако шкотската управа, која се залага за независност, и конзервативната британска влада ги изложија своите ставови пред судот на рочиштата во Лондон.
Шкотската премиерка Никола Старџон рече дека е разочарана, но дека ќе ја „почитува“ одлуката на судот.
Таа, сепак, на Твитер напиша дека „Законот кој не ѝ дозволува на Шкотска да ја бира сопствената иднина без одобрување од Вестминстер, открива дека е мит секоја помисла дека Велика Британија се заснова на доброволно партнерство и оди во прилог на аргументите за независност“.
Владата на полуавтономната Шкотска сака да одржи референдум за независност во октомври наредната година со прашање „Дали Шкотска треба да биде независна земја“.
Британската влада одбива да одобри одржување на референдум, наведувајќи дека тоа прашање е решено на референдумот од 2014 година, кога 55 отсто од шкотските гласачи ја отфрлија независноста.
Владата во Единбург сака тоа прашање повторно да го стави на гласање, со образложение дека излегувањето на Велика Британија од ЕУ, на што се противеше мнозинството од шкотските гласачи, радикално ја промени политичката и економска состојба.
Старџон вели дека таа има демократски мандат од шкотскиот народ да го повтори гласањето за независност, затоа што мнозинството во шкотскиот парламент поддржува независност.
Анкетите покажуваат дека Шкотланѓаните се поделени околу независноста, а мнозинството гласачи не сака референдум во блиска иднина.
Шкотска и Англија се политички обединети од 1707 година. Шкотска има парламент и влада од 1999 година и води своја политика во областа на јавното здравство, образованието и други работи. Владата на Велика Британија во Лондон, меѓу другото, ги држи под контрола одбраната и фискалната политика.
Извор: Радио слободна Европа