Врховниот суд вторпат ја укина казната за Кирил Тодоровски | Правдико

Правдико

   

Врховниот суд вторпат ја укина казната за Кирил Тодоровски

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Врховниот суд ја укинал пресудата против поранешниот градоначалник на општина Аеродром, Kирил Тодоровски, кој двапати беше осуден на три години затвор за поткуп кој го зел при изградба на црквата „Свети пророк Илија“ во населбата Аеродром, соопштија од Основниот суд Скопје 1.

Kiril-Todorovski3-620x415

Ова е вторпат за четири години судиите во Врховниот суд да го вратат случајот на повторно судење.

Во врховниот суд ги уважиле жалбите на бранителите на Тодоровски и на Сашо Стојчески, тогашен раководител на секторот за урбанизам, кој доби иста казна, па судењето ќе почне од почеток.

– Пресудите од Основен суд Скопје 1 од февруари 2012, како и на Апелацискиот суд од октомври истата година се укинуваат, а предметот се враќа на повторно судење пред целосно изменет совет на првостепениот суд – стои во соопштението на судот.

Од Судот објаснија дека првостепениот и второстепениот суд пресудиле врз основа на докази на кои се темелела и претходната пресудата, а кои требало да бидат изземени оти биле обезбедени преку посебни истражни мерки. Истите не смеело да бидат употребени во текот на судските постапки за кои е осуден.

– Врховниот суд на првостепениот суд му даде упатства од постапката да ги извади овие докази и да ги земе предвид новопредложените докази – објаснуваат од Основен суд Скопје1.

Ексградоначалникот на Аеродром првпат беше осуден во 2008 година, но во август 2010 година Врховниот суд првпат ја укина пресудата. И тогаш образложението било дека Тодоровски и Стојчески биле осудени врз основа на докази што судот не смеел да ги земе предвид. Доказите прибавени преку посебни истражни мерки не смееле да бидат употребени за делото за кое е осуден, односно за примање поткуп. Против Тодоровски во почетокот била поведена постапка за злосторничко здружување и за тоа дело може да се користат посебните истражни мерки. Во исто време тој бил обвинет и за примање поткуп. Во текот на судењето обвинувањето за злосторничко здружување било повлечено, што значи дека судот не смеел да ги користи ваквите докази.

Според обвинението, Тодоровски од инвеститор, кој барал дозвола за изградба на градежен објект кај средното хемиско училиште, побарал 100.000 евра како подарок, наводно, за доизградба на црквата. Во текот на процесот, Тодоровски тврдеше дека е невин и дека го наместиле. Тој објасни дека инвеститорот донирал 100.000 евра за црквата и за тоа бил склучен договор за донација. Инвеститорот, исто така, сведочеше на судењето. Тој потврди дека му барале поткуп и си ги бараше парите назад.

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико