Вртоглав пораст на бројот на човек-фирми
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Од 71.519 активни компании во Македонија, 8.057 се без вработени односно само со управител, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика за 2016 година. Бројот на фирмите со нула вработени во последните години постојано се зголемува, во 2015 година имало 7.329 такви фирми, додека пак во 2014 година тој број бил двапати помал од 2016 и изнесувал 3.972 фирми. Иако најголем дел од фирмите со ниту еден вработен се мали фирми, меѓу нив има и компании што, и покрај тоа што немаат вработени, остваруваат големи приходи и профити. Најголем број фирми што немаат ниту еден вработен се во секторот трговија на мало и големо и услужните дејности.
Податоците од ДЗС за структурата на активните деловни субјекти според бројот на вработени покажуваат дека најголемо учество, од 79,3 отсто, имаат деловните субјекти со 1-9 вработени, а потоа следуваат деловните субјекти без вработени, со 11,3 отсто.
Законот за трговски друштва и другите закони од областа на даноците и придонесите дозволуваат постоење на вакви компании, нагласува Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија (ОРМ).
– Очигледно овие фирми без вработени успеваат да останат на пазарот и се одржливи. Некои од нив се основаат само за да искористат некакви поволности, особено во системот на јавни набавки. Па, така, фирмата што нема вработени може да конкурира на одреден тендер и да го освои, а за вршењето на услугите да ангажира подизведувач. Но може да се сретнат и многу други видови вакви компании што остваруваат значителни приходи и имаат добри финансиски резултати.
Понекогаш тие се користат за да се избегне некој судир на интерес, па основачот формира ваква компанија за да се скрие тој судир на интереси – појаснува Димитров.
Тој додава дека ако законските прописи го дозволуваат постоењето на овие компании, тогаш тие се легални и легално работат и единствено што е потребно е да се почитуваат сите прописи околу јавните набавки за да се спречи нивно изигрување.
– Доколку компанијата е основана за да заштити некаков вид некоја интелектуална сопственост на основачот, тогаш нејзиното постоење е оправдано. Но нивниот голем број не претставува симбол за здрава економија, можеби симбол за премногу либерализирана економија. Но ако и таквите фирми придонесуваат за економскиот пораст, тогаш тие се оправдани – истакна Димитров.
Тој смета дека во Македонија постојат примери каде што луѓе регистрирале компании за да им се најде ако затреба. Но, според прописите, ако подолг период тие немаат никаков промет, Централниот регистар е потребно да ги затвори т.е. избрише од евиденција.
– Можеби ова е резултат и на многу лесниот начин на регистрација на фирма. Од една страна тоа се смета за предност на националната економија, но, од друга страна, и премногу лесната регистрација доведува до постоење на вакви формални компании, кои во суштина ништо не значат за економијата на земјата – вели Димитров.
Некои бизнисмени сметаат дека кога би се вовел закон каде што сопственикот, имателот, директорот или компанијата мора да има вработени, тогаш тоа би влијаело и на намалување на нелојалната конкуренција кај малите, големите и средните компании.
Претседателот на Конфедерацијата на бизниси на Македонија, Миле Бошков, објаснува дека оваа состојба е загрижувачка.
– Оваа состојба не е од социоекономска природа и е спротивна од слободната пазарна економија. Доколку продолжи да се развива целата ситуација, може да доведе до безредие и непочитување на социоекономските закони – вели Бошков.
Тој објаснува дека уште позагрижувачко е што расте бројот на овие фирми, додавајќи дека законот дозволува фирмите да имаат управител, но не и вработени.
– Но, иако дозволува Законот, етичкото економско работење треба да биде основата за водење бизнис и, секако, профитот остварен врз коректно бизнис-однесување. За жал, има многу причини за основањето на овие фирми, како даночно затајување, избегнување на уплаќање социјални придонеси, перење пари, нелојална конкуренција, измама, нечесно деловно однесување и избегнување на исполнувањето на обврските кон доверителите – нагласува Бошков.
Како што вели тој, оваа состојба е алармантна и неодржлива на долг рок, создава голема конкуренција на сите регистрирани претпријатија и е поопасна и од водењето бизнис без регистрација и формализација на фирмите, односно учесниците во сивата економија
Извор: Нова Македонија