За кои објекти се издава сертификат за енергетска ефикасност | Правдико

Правдико

   

За кои објекти се издава сертификат за енергетска ефикасност

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Green building low energy houseСертификат за енергетски карактеристики на зграда е документ кој ги содржи податоците за енергетските карактеристики на зградата или градежната единица, пресметани на пропишан начин. Сертификатите за енергетски карактеристики на зградите ги издаваат трговци поединци или правни лица кои поседуваат лиценци за вршење на енергетска контрола.

Сертификат за енергетски карактеристики на зграда се издава за:

1) Сите нови згради и градежни единици, како и зградите и градежните единици кои се предмет на значителна реконструкција, згради и градежни единици кои се продаваат или  издаваат под закуп,

2) Згради или градежни единици што се во сопственост или се закупени од лица од јавниот сектор, како и згради и градежни единици од јавен карактер, со плоштина на корисната подна површина поголема од 500 m2.

Почнувајќи од 30.9.2015 година, сертификат за енергетски карактеристики на зграда за зградите и градежните единици од ставот 2 погоре  ќе се издава доколку нивната плоштина на корисната подна површина е поголема од 250 m2.

Сертификат за енергетски карактеристики на зграда се издава за зградите во целина или за градежните единици како делови од зграда, спрат или стан, доколку тие делови може да бидат одвоено третирани и/или се во сопственост на посебни лица. При означување на градежни единици, сертификат за енергетски карактеристики може да се издаде врз основа на означувањето на целосната зграда или врз основа на процена на друга типична градежна единица од истата зграда, со исти енергетски карактеристики.

greenoffice_heroПри означување на згради за домување (во станбени куќи со посебен режим или во станбени куќи), сертификат за енергетски карактеристики на зграда може да се издаде врз основа на процена на друга типична зграда, со слично проектно решение и големина и со сличен квалитет на реалните енергетски карактеристики, доколку таквата сличност е гарантирана од страна на трговец поединец или правно лице кое поседува лиценца за вршење  на  енергетска  контрола  и  кое  го  издало  сертификатот  за  енергетски карактеристики за згради за втората зграда.

За  означување  на  комплексни  згради  не  може  да  биде  издаден  заеднички сертификат за енергетските карактеристики на зградите, заради различната намена на одделни  делови  од  зградата,  комплексноста  на  техничките  системи,  недоволна документација  за  постојните  згради  и  друго.  Такви  примери  се  трговски  центри (продавници,  ресторани,  фитнес  простори,  паркинг  простори  и  друго);  културноисториски згради (заради недоволно познавање на градежните материјали, нетипични системи за греење, пожарни зони). Поради ова, за означување на комплексните згради потребни се детални анализи, односно спроведување на енергетски контроли.

Сопствениците на зградите и градежните единици од ставот 2 точка погоре треба да го истакнат сертификатот за енергетски карактеристики на зградата на
место кое е јасно видливо за јавноста, без обврска за прикажување на препораките од  истиот.  За  згради  и  градежни  единици  кои  поседуваат  сертификат  за  енергетски карактеристики на зграда и кои се продаваат или издаваат под закуп, продавачите или закуподавачите треба да го објават по пат на огласување во комерцијалните медиуми и индикаторот за енергетски карактеристики од сертификатот за енергетски карактеристики на зграда за зградата, односно градежната единица, како што соодветствува. 

Инвеститорот е должен кон барањето за издавање на одобрение за градење на нови згради или значителна реконструкција на постојни згради, како составен дел на основниот проект да приложи изјава од трговец поединец или правно лице кое поседува лиценца за вршење на енергетска контрола за усогласеност на основниот проект со основните барања на зградата во поглед на исполнување на минималните барања утврдени во Правилникот за енергетски карактеристики за зградите.  По завршувањето на изградбата на згради или по значителната реконструкција на постојните згради, инвеститорот е должен да обезбеди сертификат за енерегетски карактеристики на зградата и истиот да го поднесе кон барањето за издавање на одобрение за употреба на зградата.

Energy-Efficiency-ExplainedПродавачите или закуподавачите на згради или градежни единици се должни на купувачите или закупците да им го предадат сертификатот за енергетски карактеристики на зградата во оригинал или копија заверена од нотар.

При издавањето од страна на трговец поединец или правно лице кое поседува лиценца  за  вршење  на  енергетска  контрола,  сертификатите  за  енергетските
карактеристики  на  зграда  треба  да  бидат  потпишани  од  овластените  енергетски контролори, со нивно име и презиме, адреса и професионално занимање и да бидат заверени од страна на трговецот поединец, односно правното лице со неговото име, адреса и печат. Кога сертификат за енергетските карактеристики на зграда се издава за нови згради и градежни единици како и за згради и градежни единици кои биле предмет на значителна реконструкција, трговецот поединец или правното лице кое поседува лиценца за вршење на енергетска контрола треба до инвеститорите, односно сопствениците да го достави сертификатот  заедно  со  пополнетата  изјава   за усогласеност на основниот проект за градење или реконструкција со минималните барања за енергетски карактеристики.

Трговецот поединец или правното лице кое поседува лиценца за вршење на енергетска контрола, во рок од 15 дена од издавањето на сертификатот за енергетските карактеристики на зградите треба да достави еден примерок од истиот до Агенцијата за енергетика на Република Македонија , за потребите од водење на евиденција. Сертификатите за енергетски карактеристики на зградите се издаваат со период на важност од десет години. Доколку во периодот на важност на сертификатот зградата подлежи на значителна реконструкција, за истата треба да се издаде нов сертификат.

Објекти кои се ослободени од сертификат за енергетски карактеристики на зграда:

1) Згради заштитени со посебен акт, издаден од надлежна институција, кои се дел од определено  подрачје  или  област  или  поради  нивното  посебно  архитектонско  или историско значење;

2) Згради кои претставуваат недвижно културно наследство и споменички целини прогласени со закон или друг акт за заштита на културното наследство кое е од особено значење и меморијални споменици;

3) Згради за верски обреди или други религиозни активности;

4) Згради кои се користат привремено, со време на користење од две години или помалку,  производни  хали,  индустриски  згради,  работилници,   магацини   и нерезиденцијални згради за земјоделска дејност кои имаат мала побарувачка на енергија;

5) Згради за домување кои се користат или се направени со намера да се користат за период помал од четири месеци во текот на годината или за период помал од 25 % од времетраењето на зимската и летната сезона, со очекувана потрошувачка на енергија помала од 25% од потрошувачката што се очекува при користење на зградата во текот на целата година;

6) Самостојни згради со вкупна плоштина на корисната подна површина помала од 50 m2.

7) Згради за коишто не се издава одобрение за градба;

8) Згради кои се градат врз основа на одобрение за поставување (времени објекти и урбана опрема);

9) Помошни згради на системите за електронски телекомуникации;

10) Згради кои не се греат или се греат на температури до +12 оС и

11) Засолништа.

Материјали:

– Закон за енергетика

– Правилник за енергетски карактеристики на зградите

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– За кои објекти се издава сертификат за енергетска ефикасност

– Закон за домување

– Правила кои сите треба да ги почитуваат при станбено домување

– Информирајте се повеќе за управувањето со стамбени згради според новиот Закон за домување

Препорачуваме

Партнери на Правдико