За кои прашања може да се распише референдум на локално ниво?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Референдум на локално ниво го распишува советот на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје , и тоа по сопствена иницијатива и на предлог од најмалку 20% од граѓаните од општината, градот Скопје и општините во градот Скопје. Советот исто така може да распише референдум на локално ниво за прашања од негова надлежност за кои со закон е овластен да одлучува. При донесување на одлука за распишување на референдум, таа одлука се објавува во службеното гласило на општината или преку други средства за јавно информирање, така што од денот на објавување до денот на одржување на референдумот не смеат да поминат повеќе од 40 дена а најмалку 25 дена.
Референдум на локално ниво може да се распише за донесување пропис, за прашања што треба да се уредат во општината, градот Скопје и општините во градот Скопје (претходен референдум) или за преоценување на пропис што претходно е донесен (дополнителен референдум).
Претходниот референдум се распишува за определено прашање што треба да биде уредено со пропис , како и за уредување на определено прашање што не е уредено со пропис.
Дополнителниот референдум се распишува за преоценување на определен пропис од страна на граѓаните на таа општина што претходно е веќе донесен од Советот на општината.
За што не може да се распише референдум на локално ниво?
Референдум на локално ниво не може да се распише за следните случаи:
– за прашања што се однесуваат на буџетот и завршната сметка на буџетот на општината,
– за прашања закои советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови на советот при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинско население во општината, градот Скопје и општините во градот Скопје.
Одлуките на референдум на локално ниво се сметаат за донесени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список за општината, градот Скопје и општините во градот Скопје каде што се спроведува референдумот.
Советот на општината, е должен во рок од 60 дена по објавувањето на резултатите од референдумот да го уреди прашањето, по кое се одлучувало на референдумот во согласност со резултатите од референдумот.
Органи за спроведување на референдум на локално ниво се:
– општински изборни комисии и Изборната комисија на градот Скопје за спроведување на локални избори (изборна комисија) и
– избирачките одбори.
–ПРАВДИКО–