За кражбата во музејот поднесено обвинение за седуммина
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Обвинителството поднесе обвинение против седуммина осомничени за големата кражба на артефакти во Музејот на Македонија, информираа од Основниот суд Скопје 1. Обвинение не е покренато за поранешниот прв човек на Управата за културно наследство Паско Кузман. Кривичниот совет на судот, а по барање на Обвинителството, на сите обвинети им го продолжи притворот за нови 30 дена.
Според обвинението, за отуѓување културно наследство од особено значење, државна сопственост, обвинети се З.В., виш кустос, златарот Ч.К. и Ј. П., кој се товари и за злоупотреба на службената положба и овластување. За злоупотреба на службата се осомничени и Ј. К., Д. К., како и А. Е. За несовесно работење во службата се товари С. С. К.
– Обвинителниот акт е доставен на разгледување кај Советот за оцена на обвинителен акт при судот. По оценувањето на обвинителниот акт, ако биде одобрен, предметот ќе биде распределен кај судски совет, кој ќе закаже главна расправа – велат од Основен суд Скопје 1.
Засега нема информации дали се пронајдени дел од 162 оригинални артефакти, за кои има докази дека исчезнале од Музејот во периодот од ноември 2011 до октомври 2013 година. При претресите биле пронајдени артефакти, но со вештачење ќе се утврдува дали станува збор за оригинали или за копии. Токму во ова се сомневаат и истражните органи – дека дел од обвинетите ги зеле предметите, а потоа враќале копии во Музејот, но ова дополнително треба да се потврди.
Од досега извршените претреси, пронајдени се поголем број предмети за кои, според МВР, е можно да потекнуваат од кражбата во Музејот, но и предмети што воопшто не се евидентирани при кривичното дело. Станува збор за керамички икони и ламби, монети, бронзени и сребрени фигури и прстени.
Извор: Дневник