За непријавување кривично дело и до 3 години затвор
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.За покренување на кривична постапка потребно е повод и сознанија за сторено кривично дело. Јавниот обвинител и правосудната полиција за сторено кривично дело дознаваат со непосредно забележување, по допрен глас или по примена кривична пријава.
Кривичната пријава е акт со кој некое лице или надлежен орган го известува јавниот обвинител за сторено кривично дело за кое се гони по службена должност. Кривичната пријава се поднесува до надлежниот јавен обвинител, писмено или усно, телефонски, по електронски пат или со употреба на други технички средства и начини.
Непосредно забележување од страна на јавниот обвинител за сторено кривично дело е исто така повод за покренување на кривична постапка, и тоа особено кога самиот ќе забележи дека е сторено кривично дело или кога постои сомнение дека е извршено, без разлика дали е поднесена кривична пријава или не.
Допрен глас како еден начините преку кои јавниот обвинител дознава за сторено кривично дело е ситуација кога во поширок круг на луѓе се зборува дека е сторено кривично дело, на пример во медиуми и слично, каде се објавуваат податоци од кои може да се заклучи дека е сторено кривично дело.
Должност за пријавување кривично дело
Согласно член 273 од Законот за кривична постапка, сите државни органи, јавни претпријатија и установи се должни да ги пријават кривичните дела за кои се гони по службена должност за кои се известени или за нив дознале на друг начин.Поднесувајќи ја пријавата, пријавителите ќе ги наведат и доказите што им се познати и ќе преземат мерки за да се зачуваат трагите од кривичното дело, предметите што се употребени во неговото извршување или настанале од извршувањето и други докази. Секој може да пријави кривично дело кое се гони по службена должност.
По поднесената кривична пријава доколку јавниот обвинител во рок три месеци од денот на приемот на кривичната пријава не одлучи по пријавата, должен е веднаш писмено да ги извести подносителот на кривичната пријава и повисокиот јавен обвинител како и да ги изнесе и причините за неодлучување по кривичната пријава.
Непријавување кривично дело или сторител
Непријавувањето на кривично дело или сторител е кривично дело предвидено во член 364 од Кривичниот законик на РМ. Оттука службено лице кое свесно ќе пропушти да пријави кривично дело за кое дознало во вршењето на својата должност, ако за тоа дело според законот може да се изрече казна затвор од пет години или потешка казна, а делото се гони по службена должност, ќе се казни со парична казна или со затвор од една до три години.
Со иста казна ќе се казни и оној кој свесно ќе пропушти да пријави кривични дела како што се:
– Убиство
– Грабнување
– Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување
– Спречување на избори и гласање
– Поткуп при избори и гласање
– Изборна измама
– Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања
– Силување
– Обљуба врз немоќно лице
– Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години
– Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори
– Овозможување на употреба наркотични дроги
– Неовластено прибавување и располагање со нуклеарни материи
– Неовластено производство, постапување и промет со опасни материи или штетни организми или семенски или саден материјал
– Тешка кражба
– Разбојништво
– Разбојничка кражба
– Уцена
– Фалсификување пари
– Фалсификување на хартии од вредност
– Перење пари и други приноси од казниво дело
– Кривични дела против државата
– Кражба на оружје или дел од борбено средство
– Оддавање на воена тајна
– Кривични дела против службената должност
– Спречување службено лице во вршење службено дејствие
– Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста
– Злосторничко здружување
– Терористичка организација
– Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи
– Кривични дела против човечноста и меѓународното право
Како кривично дело покрај непријавување на сторено кривично дело, исто така кривичниот законик предвидува санкции и за оној кој нема да пријави подготвување на кривично дело. Оттука според член 363 од Кривичниот законик на РМ, тој што знае дека се подготвува извршување на кривично дело за кое според законот може да се изрече казна затвор од пет години или потешка казна, па во времето кога се уште било можно да се спречи неговото извршување не го пријавил тоа, а делото било во обид или извршено, ќе се казни со парична казра или со затвор до една година.
Ако не е пријавено подготвување на кривично дело за кое според законот може да се изрече казна доживотен затвор, сторителот ќе се казни со казна затвор од една до пет години.
Исклучок: Нема да се казни за непријавување на подготвување кривично дело, лице на кое сторителот му е брачен другар, крвен сродник во права линија, брат или сестра, посвоител или посвоеник или лице кое со сторителот живее во трајна вонбрачна заедница.
–ПРАВДИКО–
Поврзани статии: