Правдико

   

Забраната за домашна музика се почитува, иако не се поддржува

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Повеќе радиостаници и телевизии вчера го прекинаа емитувањето на македонска музика, стравувајќи од можни правни последици што би произлегле од непочитување на забраната на ЗАМП за пуштање во етер дела од наши композитори и автори што се членови на здружението. Без оглед на тоа дали се согласуваат со ваквиот начин во борбата за авторските права или не, повеќето од медиумите неофицијално велат дека ќе ја почитуваат забраната до решавање на проблемите. Македонско радио вчера не пушташе домашна музика.

22092016092808_web_radio-ala
И радијата Антена, Слободна Македонија и Урбан ФМ, исто така, вчера не емитуваа домашна музика. Иако засега не сакаат да ја коментираат новонастанатата состојба, неофицијално велат дека забраната не е начин за решавање на проблемот, но во моментов не можат да постапат поинаку. Некои од концесионерите сѐ уште се двоумат околу сопственото решение, а од Здружението на приватните медиуми на Македонија (ЗПММ) побараа најитно разврзување на јазолот.

– Комплетно ја почитуваме забраната за емитување македонска музика. Вчера во етерот не се пушти ниту една песна од македонски изведувач што се пее на мајчин јазик. Вчерашната програма се состоеше исклучиво од странски песни, но проблемот е во тоа што постојат емисии, кои се исклучиво наменети за македонската музика, каде што се промовираат нови песни и изведувачи и се емитуваат нумери од домашни пејачи и композитори. Во емисијата на Радица Митиќ, која е токму од таков формат, денеска се одеше со странски хитови, со што практично се руши и основниот концепт на емисијата – вели Зоран Мирчевски, главен уредник на Македонското радио – Радио 2.

Исто така, според него, проблем се и песните од македонски изведувачи што се испеани на странски јазик, односно на српски или на хрватски.

– Сѐ уште не знаеме како се класифицирани овие песни. Оваа новонастаната ситуација е голем проблем, но се надевам дека за кратко време, тие што треба ќе седнат на маса, ќе најдат решение и сѐ ќе се заврши како што треба. Но дотогаш Македонското радио – Радио 2 нема да емитува македонска музика – подвлекува Мирчевски.

Министерството за култура, пак, кое треба да го даде конечниот одговор, ни вчера, како ни на денот на објавувањето на забраната не излезе со соопштенија по повод забраната.

ЗАМП ја издаде забраната за емитување македонска музика, како што велат оттаму, поради притисоците од Министерството за култура и можноста да се формира паралелно здружение за истите права, како што е СОКОМ МАП, со што практично двете здруженија може да наплаќаат за авторски права.

СОКОМ МАП се формира откако група автори на сериозна и уметничка музика го откажаа своето членство во ЗАМП, незадоволни од третманот и вреднувањето на нивните дела.

На забраната најостро реагира композиторот Никола Кокан Димушевски, кој во својот допис до ЗАМП, до Министерството за култура и до сите радиодифузни претпријатија истакна дека никој не смее да забрани неговата музика да се емитува во медиумите. Дури најави и тужба против Здружението за заштита на авторските и музичките права. Тој е дециден дека овде всушност станува збор за „задржување на монополот на ЗАМП“, како што вели, здружението од кое не се задоволни ниту авторите, ниту корисниците, а кое, според него, е веќе растресено со појавата на СОКОМ МАП.

Извор: Нова Македонија

Партнери на Правдико