Зачестија бегалците со лажни документи
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Мигрантите се претставувале дека се од Сирија, Авганистан и Ирак, но на надлежните контроли им станале сомнителни, па поради тоа се задржани на границата со Грција
Гевгелија – На македонско-грчката граница се фатени стотина бегалци со лажни документи кои се обидувале да влезат во земјава. Големата група, како што дознаваме, била откриена вчераутро околу 4 часот од страна на македонската полиција. Тие се претставувале дека се од Сирија, Авганистан и Ирак, но на надлежните контроли им станале сомнителни поради што ги подложиле на дополнителни проверки. Настанот го потврди и офицерот на Високиот комесаријат за бегалци при ОН, Александра Краусе.
„Министерството за внатрешни работи идентификуваше некои луѓе кои имале фалсификувани документи. Тие сега се на испрашување и Министерството ќе одлучи што ќе биде со нив понатаму“, вели Краусе.
Од МВР потврдуваат дека изминативе денови се’ почесто се случува да бидат откриени бегалци со фалсификувани документи, кои пред доаѓањето на зимата се обидуваат на сите можни начини да поминат низ балканската рута и што поскоро да стигнат до Европа. Злоупотребите особено зачестиле последниве денови, откако балканските земји ги заострија критериумите за пропуштање само на бегалците, но не и на економските мигранти, кои веќе неколку дена се „заглавени“ во меѓуграничниот појас со Грција.
„Сите оние што немаат уредни документи се проверуваат и доколку се утврдат злоупотреби или фалсификати, се враќаат назад и не им е дозволен влез во земјава“, велат во МВР.
Во текот на денешниот ден на граничната линија меѓу Македонија и Грција, кај граничните камења 58 и 59, за два часа не се појавил ниту еден бегалец од земјите кои се зафатени со војна. Имало неколку неуспешни обиди на еден Авганистанец, кој се обидел да влезе во Македонија, со некаков документ од неговата земја, кој не бил валиден за македонските полицајци, а подоцна се појавил и друг бегалец кој се претставувал дека е од Сирија, но и нему му бил „покажан“ патот кон кампот на грчка територија.
Веќе една недела околу триста мигранти од земјите кои не се опфатени со војна, а кои се наоѓаат на граничната линија меѓу Грција и Македонија, се надеваат дека ќе продолжат понатаму. Тие се бунтуваат и одбиваат да јадат. Забележливо е зголеменото присуство на грчката полиција, која го контролира излезот од кампот. Наоколу има вистинска шаторска населба, во која мигрантите престојуваат. Се жалат на лошите услови и неизвесноста дали воопшто ќе бидат пропуштени.
„Ние само сакаме помош да ја поминеме границата. Знаеме дека тоа не е по ваша вина, туку е од други страни и знаеме дека се спроведуваат наредби. Но, сочувствувајте со нас. Ние само сакаме да стасаме до Германија, каде што сакаме да почнеме нов живот“, вели еден припадник на групата кој е од Мароко. Единствено бегалците од Сирија, Авганистан и Ирак се пропуштаат понатаму кон Србија. Според податоци од УНХЦР, за 12 часа низ Прифатниот камп кај Гевгелија поминале 540 бегалци.
Извор: Утрински Весник