Задолжителната вакцинација пред Уставен суд
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Група граѓани денеска на прес-конференција во Скопје ја презентираа иницијативата, која веќе ја поднеле, за оценување на уставноста на одредби од Законот за заштита на населението од заразни болести, во делот кој се однесува на задолжителната вакцинација на децата.
Тие го оспоруваат санкционирањето на родителите во случај на одбивање на вакцинација на нивните деца со Законот за заштита на децата и Законот за образование со кој децата без потврда за имунизација не може да се упишат во училиште, а мајките не може да остварат право на детски додаток.
Ели Налеска, една од потписничките на иницијативата истакна дека законот е застарен и е остаток од поранешниот социјалистички систем, како и дека нема ниту медицински ниту правни причини да остане да се применува. Таа има забелешка на однесувањето на лекарите кои вели, недоволно ги информираат граѓаните за несаканите ефекти од вакцинацијата а кои се наведени во упатствата за вакцините.
– Со овој закон излегува дека државата го поседува моето тело, а решава и за моето дете. Во САД, пак, вакцинацијата не е задолжителна и се остава можност таа да не се изврши поради морални, филозофски или религиозни причини, вели Налеска.
Весна Башеска Симонова, фармацевт и експерт за следење на ефектите од примена на вакцини и лековите, вели дека кај вакцините ефикасноста не е докажана, а нагласени се негативните ефекти од нив. Таа при тоа се повика на истражувања во САД, како и на тужби поднесени од американски граѓани поради случаи на сериозни несакани дејства од вакцинацијата. Башеска Симонова и со забелешка дека кај нас не се достапни информации за ефикасноста од вакцинацијата. Укажа и дека во 15 земји од ЕУ вакцинацијата е незадолжителна.
Јованка Костовска, национален координатор за имунизација при Министерство за здравство, пак, оценува дека Македонија спроведува успешна вакцинација со висок опфат благодарение и на тоа што е задолжителна согласно законските одредби. Досега вели не се забележани смртни случаи како последица од вакцинација која е воведена прв пат во 1948 година за ТБЦ. Забележани се, вели, само несакани реакции во вид на зголемена температура, болка на место на оток и конвулзии, но никогаш посериозни реакции ниту пак во упатствата за вакцините пишува дека се со смртен исход. На годишно ниво се добиваат 10-15 пријави за вакви случаи, но кои се вели очекувани.
– Во ЕУ од 27 земји во 15 е задолжителна, а во останатите земји дел се задолжителни, а дел се препорачани. Задолжителни се полиото и тетанусот. Сепак, свесна на родителите во европските земји е на тоа ниво што иако не е задолжителна тие може да ги вакцинираат своите деца. Кај нас и во останатите балкански земји ова искуство што го имаме со години не треба да го пропуштите, треба да продолжиме по истата патека бидејќи само на овој начин ќе одржиме висок опфат на имунизација, рече Костовска.
Таа укажа на примерот на Италија која пред 10 години од задолжителна премина кон препорачана имунизација и со тоа го намали опфатот на населението, а за да имаме мирна епидемиолошка состојба и да не ни се врата некои болести кои се веќе искорените, вели опфатот со имунизацијата треба да биде над 95 проценти.
– Да напоменеме дека парализата се уште ја има во епидемиска форма. Само во јануари и февруари месец 24 нови случаи на парализа има во Сирија, Авганистан и Пакистан. Морбилите се шират низ европските земји и тоа токму во оние каде вакцинацијата е незадолжителна како Германија, Франција, Финска, Холандија. Во Холандија последниот период има околу 5.000 случаи на морбили. Дифтеријата ја има во рускиот регион. Значи тоа се болести кои сеуште не се искоренети во светски рамки, додека за оние како вариола вера која е искоренета не се вакцинира, вели националната координаторка.
Таа при тоа презентираше резултати од имунизацијата. За вакцината против дифтеријата која е воведена во 1951 година , во петгодишниот период пред имунизацијата имало 1790 заболени и 125 смртни случаи. За тетанус вакцината е воведена истата 1951 година, а пред вакцинацијата во петгодишниот период биле регистрирани 180 заболени со 85 смртни случаи. Слично е и со вакцините за големата кашлица, парализата, морбилите и заразните заушки за кои имало илјадници заболени пред вакцинацијата и со 50-100 до 200 смртни случаи најчесто кај деца, по вакцинацијата овие болести се сведени само на поединечни случаи, а смрни случаи воопшто немало.
Костовска рече дека се внимава при набавка на вакцините тие да се квалитетни и од произведувач, кој е на листата на СЗО, проверени од нивните здравствени агенции, како и од нашите здравствени власти, а состојките се во таква форма што не претставуваат опасност за децата. (МИА)
Извор: Утрински весник