Задржување во полициска станица и до 12 часа за алкохолизираните возачи | Правдико

Правдико

   

Задржување во полициска станица и до 12 часа за алкохолизираните возачи

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

soobrakjaecДенеска се одржа средба за безбедноста на сообраќајот во Скопје каде се разгледуваа состојбите во сообраќајот на подрачјето на градот, особено во контекст на последните неколку незгоди кои ги вознемирија граѓаните.

Како што беше соопштено на дневна основа беа вршени контроли врз повеќе од 380 учесници во сообраќајот, кои резултираа со над 70 покани за глоба и приближно 15 возачи кои се исклучуваат од сообраќајот на дневно ниво.

Имено, сообраќајната полиција годинава постапувајќи по планот за работа и преземените акциски контроли за санкционирање на несовесните учесници во сообраќајот контролираше над 96.000 возила и возачи што претставува зголемување за 7 проценти во однос на минатата година. Притоа во периодот од јануари до август од сообраќај беа исклучени 3.708 возачи од кои под дејство на алкохол санкционирани се 1.548 возачи, додека пак без положен возачки испит санкционирани се  1.785 возачи.

Во истиот период од страна на сообраќајната полиција издадени се над 18.000 покани за глоба, што претставува за 15 проценти повеќе во однос на истиот период лани.

Од извршените анализи констатирано е дека најчеста причина за случување на сообраќајни незгоди со потешки последици на подрачјето на градот Скопје е човечкиот фактор, односно брзото возење, непочитувањето на правилата за првенство на минување како и управувањето на возила под дејство на алкохол. Исто така од направените анализи како најчувствителна точка може да го издвоиме булеварот „Партизански одреди“ каде во наредниот период интензивно ќе се преземаат зајакнати мерки и контроли.

Сепак безбедноста во сообраќајот зависи од повеќе фактори и мора да се констатира дека за жал годинава имаме зголемување на бројот на сообраќајни несреќи во период јануари -август годинава за 1,5 проценти во споредба со истиот период лани. Притоа од случените сообраќајни незгоди 27 се со загинати лица. Од вкупно евидентираните сообраќајки во 144 учесниците минале со тешки телесни повреди.

Овие, како и останатите согледувања од сферата на сообраќајот говорат дека се неопходни натамошни, пред се нормативни измени во делокругот на полициското работење. Имено со новините во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата којшто како што ви е познато е во собраниска процедура, ние предвидовме низа нови законски мерки кои одат во насока на зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Во делот на урбаните средини, меѓу другото, предложено е намалување на брзината на движење на јавен пат во населено место од 60km/h на 50 km/h и притоа воведено е во делот на санкциите дека за управување на возило со 50км/час над дозволената брзина ќе се изрече глоба во вредност од 400 евра или 65 негативни поени. Особено е важно што без разлика дали возачот ќе се одлучи да ја плати глобата или да впише негативни поени, за него започнува постапка пред надлежен орган за забрана за управување со возило од 6-12 месеци.

Покрај ова едно од предложените решенија е и можноста што им се дава на полициските службеници за оној возач за кого ќе се утврди дека во организмот има алкохол или дека покажува знаци на алкохолно растројство и постои сомнение дека ќе продолжи со вршење на прекршокот, да биде задржан во полициска станица до отрезнување најдолго до 12 часа.

Предлог законот содржи и низа други решенија во функција на поголема безбедност и квалитет на сообраќајот.  Иако ни се забележува на ригорозноста ние сепак сме одлучни во нашиот пристап кон подигање на безбедноста на сообраќајот на едно високо ниво – притоа јасно демонстрирајќи дека нема никаква толеранција за алкохолизираните возачи, за неисправните возила по коловозите, за непочитувањето на прецизните сообраќајни правила и прописи.

Препорачуваме

Партнери на Правдико