Заев го доби мандатот, за 20 дена треба да состави влада
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Претседателот на државата Ѓорге Иванов денеска му го предаде мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Иванов, во кусата изјава, нагласи дека пречките за доделување на мандатот се надминати, поради што тој ја исполнува својата уставна обврска да го додели мандатот на Заев, кој што од парламентарното мнозинство е определен како мандатар.
Првиот човек на СДСМ Заев исто така потенцираше дека пречките се отстранети со тоа што новозибраниот претседател на Собранието Талат Џафери упатил писмо да Иванов дека е формирано ново парламентарно мнозинство. Втората пречка, рече Заев е отстранета со тоа што тој доставил писмени гаранции дека нема да биде загрозена унитарноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата.
„Во име на парламентарното мнозинство гарантирам заштита на унитарниот суверенитет и територијален интегритет , независност и мултиетничност на државата. Гарантирам заштита на територијалниот поредок, на државните интереси и унапредување на животот на сите граѓани подеднакво. Одлуките ќе ги носиме во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото. Ниту еден документ, платформа, акт, декларација спротивни на претходните ставови не може да биде услов за формирање на владата на Македонија“, изјави Заев.
Првиот човек на СДСМ го доби мандатот како резултат на парламентарните избори што се одржаа на 11 декември 2016 година, на кои неговата партија освои четириесет и девет пратенички места. Два мандати повеќе, односно 51 пратеничко место освои ВМРО-ДПМНЕ, но нејзиниот лидер Никола Груевски откако му беше доделен мандатот, не успеа да обезбеди парламентарно мнозинство.
Новото парламентарно мнозинство е составено од СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците и брои вкупно 67 пратенички места. Преговорите за составот на новата влада допрва почнуваат и се уште е неизвесно дали дел од владината коалиција ќе биде и партијата Беса, независно од тоа што даде поддршка на Заев како мандатар. Мандатарот Зоран Заев има рок од 20 дена до Собранието да достави предлог –програма и состав на новата влада.
Извор:Утрински весник