Законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции пред пратениците | Правдико

Правдико

   

Законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции пред пратениците

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

23082016094536_web_zakon_za_webСобраниската комисија за транспорт, врски и екологија вчера расправаше за предлог-законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции. Со законот се уредуваат начинот и условите за активностите на јавното информирање од страна на јавните институции во целосна или доминантна државна сопственост, постапката за реализација и начинот на распределбата на буџетот за кампањи за чија реализација се предвидени над 100.000 евра во денарска противвредност, како и начинот на известување на Агенцијата за медиуми за реализираните кампањи во претходната година.

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска нагласи дека не постои опасност од какво било влијание на уредувачката политика затоа што сите медиуми се вклучени во распределбата, и тоа не по нечиј дискрециски избор, туку по сила на закон.

– Законот обезбедува целосна гаранција дека јавните институции ќе можат непречено да ја извршуваат својата јавна функција и притоа пазарот на медиуми да не биде дестабилизиран, со оглед што изборот на медиуми за објавување на јавните кампањи е неселективен и недискриминаторски. Јавни пари можат да се трошат исклучиво во услови на постоење потреба и широк јавен интерес. Притоа буџетот за оваа намена е оптимално избран за да се постигне целта на кампањата и буџетска ефикасност. Постапката на алокација на буџетските средства по медиумите е целосно транспарентна и се врши по математичка формула – рече Арсовска-Томовска.

Се воспоставуваат, како што појасни, точно утврдени критериуми преку кои ќе се утврди постоењето јавен интерес, кој кампањите ги прави оправдани и се поставуваат правила за подготовка на медиумски план и алокација на средствата за кампањата по медиумите во согласност со математичка формула. Пропишано е дека кампањите со буџет од 100.000 евра во денарска противвредност и повеќе, ќе се емитуваат на сите национални, регионални и локални радиодифузери заведени во соодветните регистри на Агенцијата за медиуми, а исто така можат да вклучат и печатени и интернет-медиуми, во зависност од целната група на кампањата.

Распределбата на буџетот за закуп на поединечен медиум, според образложението, е пред сѐ калкулиран врз основа на уделот на пазарот на групата на медиум на која припаѓа, потоа врз основа на фиксна компонента, и на крајот според неговиот рејтинг, односно гледаноста и слушаноста. Заради подготовка на медиумски планови, Агенцијата за медиуми добива нова обврска да прибира податоци и да пресметува удели на пазарот, удели на гледаност и слушаност на радијата, од кои дел ги добива од страна на Македонскиот комитет за мерење на публиката, агенции за мерење на публиката, „Гугл аналитикс“ или други извори.

Во текот на расправата не беше прифатен предлогот на опозицискиот СДСМ за повлекување на законот од собраниска процедура. Законот, рече пратеникот од СДСМ Томислав Тунтев, не е резултат на никаков политички договор, не произлегува од обврските за кои се договориле четирите политички партии и е уште еден обид да се продолжи корупцијата во медиумите од страна на власта.

Реплицирајќи, министерката Арсовска-Томовска рече дека пратеникот ја изместува темата и оти законот има решенија што не се однесуваат на известувањето, туку на кампањите.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико