Законот за јазици за опозицијата е дикриминаторски, за мнозинството е соживот
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 15. седница ја продолжи расправата по Предлог-законот за употреба на јазиците во прво читање.
Во текот на расправата по овој закон опозицијата ги повтори своите ставови дека законот е неуставен, дека со него се кршат процедурите и оти неговата примена ќе доведе до двојазичност на целата држава. Со законот, обвинија од опозицијата, се дискриминираат и помалите етнички заедници. Сметаат дека е ова политички договор пред локалните избори.
Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, во Македонија постои Закон за употребата на јазиците од 2008 година, што е изменет во 2011-та и тој може да се измени за да се унапреди употребата на албанскиот јазик.
Според парламентарното мнозинство, пак, законот е во согласност со Уставот, не го нарушува унитарниот карактер на државата и ќе придонесе за зголемување на соживотот во државата. Законот, посочија се носи во редовна постапка и откако ќе се утврди потребата за негово носење ќе оди во второ читање.
Според Димитар Стеванаџија од ВМРО-ДПМНЕ, аргументите на власта се неосновани.
– Вашите аргументи се заглавени на тезите – зошто законот има европско знаменце, не е уставен, не е транспарентен, прави поделби кај граѓаните итн. Денес зборуваме за потребата од носење на закон за јазици и од потребата за целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор како обврска на РМ во кој договор централниот интерес беше децентрализација на државата, а не законот за јазиците, рече Стевананџија.
Татјана Прентовиќ од СДСМ во репликата на Стевананџија рече дека законот е уставен бидејќи не излегува од рамки на амандманот 5 од Уставот на стр. 15, а се очекува и изјаснувањето на Уставниот суд и Венецијанската комисија за ова прашање.
– Но, вие и покрај веќе донесен Закон за употреба на јазиците во 2008 и негово подобрување во 2011 година сега не сакате да учествувате во неговото завршување и не сакате да ја преземете обврската за која сте се зафатиле во 2008 година, кога ништо спектакуларно не се случи. Зошто колега Стевананџија сеете страв помеѓу граѓаните, а не им кажувате дека до 29 јануари оваа година се обидувавте да договорите коалиција во која овој закон за јазици не беше пречката за нејзино формирање, туку беше СЈО. Каде е пратеникот Никола Груевски да дојде во Собранието да седне овде до нас и да ни објасни што се случувало во 2008 и 2011 година кога сте го носеле Законот за употреба на јазиците, рече Прентовиќ.
Стеваваџија одговори дека Груевски се подготвува да го презентира тимот за локалните избори и реплицираше дека она што граѓаните очекуваат се повисоки субвенции, плати, односно исполнување на ветувањата дадени на изборите.
Фросина Ташевска Ременски од СДСМ обвини за контрадикторност во однос на аргуметите на опозицијата за законот и оти ниту самата опозиција не верува во нив, бидејќи зборува спротивно на тоа што го зборува нивниот лидер. Таа нагласи дека по локалните избори кога ќе заврши второто читање на законот за употреба на јазиците очекува опозицијата да го гласа законот.
– Тоа ќе биде еден од вашите најголеми политички порази и изгубено време во овој период. Наместо да ја злоупотребувате говорницата за непродуктивни дебати да кажете повеќе за соживотот…, рече и го праша Стеванаџија како во 2011 година пристапиле кон измена на Законот за употреба на јазиците и со мислење од Министерство за правда за амнестија на воени злосторства.
Владанка Авировиќ во своето обраќање истакна дека законот за употреба на јазиците е противуставен и оти доволно е да се види само членот 1 за да се види дека се задира во Уставот, нагласи и оти е потребно да се изврши целосна ревизија на овој закон.
– Потребно е да се изврши целосна ревизија на овој закон за да можеме да одлучиме во колкав степен ќе влијае врз Уставот на Македонија. Повеќе од очигледно е дека редефинирање е нужно доколку го спроведеме вака како што пишува во членовите од законот, рече Авировиќ
Таа се осврна и на членовите со глобите за непочитување на одредбите од законот и оцени оти тоа се коси со принципите на Советот на Европа и граѓанскиот концепт. Авировиќ предложи и дополнување на членот 22 со глоба и за непочитување на македонскиот јазик и кирилското писмо во сите институции на државата, а инспекциите да извршат анализа како се спроведува македонскиот јазик на подрачја каде не е говорен јазик.
Нејзиниот колега Љупчо Димовски истакна дека е неопходно повлекување од процедура на овој закон и јавна дебата за потребата и начинот од изготвување нов текст за закон за користење на јазиците, што според него, е и став на стручната и научната јавност.
Томислав Тунтев од СДСМ постави реторичко прашање за различното толкување на законот од страна на различни партии.
– Овој закон не воведува двојазичност, не е противуставен не значи никаква кантонизација или дека ќе ја снемало Македонија. Ја снема во 2008, или во 2011? Ние зборуваме за прво читање за почетна постапка во редовна постака. Зошто ја замајувате јавноста, законот нема да се донесе пред изборите. Ќе следува второ читање, … па јавна расправа и широка дебата. Ова се користи само во предизборни цели за собирање политички поени во очи на локалните избори, рече Тунтев.
Тој потсети дека и Законот во 2008 и 2011 година бил носен по завршување на парламентарните избори од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека нема потреба од овој закон и обвини дека целта на законот е да се затскријат незаконитите дејствија на политичарите кои се дел од актуелната власт упатувајќи на градоначалникот на Гостивар Невзат Бејта и на вицепремиерот Кочо Анѓушев. Според него, Бејта изградил два трговски центра и без тендер изградил локален пат, а тендерот дури отпосле го распишал и го добила фирмата која веќе го изградила.
Реплицираше претседателот на Собранието Талат Џафери, кој укажа дека Парламентот не е место за такви обвинувања и го упати ако има аргументи тоа да го направи на вистинската адреса. Во однос на изградениот пат, посочи дека се работи за пат до село со македонско население.
Артан Груби од ДУИ рече дека ова што се прави од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е само заради одлуката на ДУИ од 29 јануари да ги остават во опозиција. Тој обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и Движењето БЕСА се во коалиција и водат кампања од собраниската говорница, а во интерес на нивните кандидати за градоначаланици. Во однос на обвинувањата за корупција посочи на објавените сознанија од СЈО за злоупотреби на власта и провизии во општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ и од страна на нивни министри.
Фадил Зендели од БЕСА пак, ги отфрли обвинувањата од Груби како невистинити и оти се користат во партиски цели пред локалните избори.
Пратениците ќе ја продолжат дебатата по редовната пауза.
Извор: Нова Македонија