Законски измени за промената на седиштето на Правниот факултет од Кичево во Битола | Правдико

Правдико

   

Законски измени за промената на седиштето на Правниот факултет од Кичево во Битола

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Поаѓајќи од современите предизвици на високото образование во Република Македонија, како и потребата за перманентно унапредување на неговиот квалитет, неопходно е постоење на соодветни и објективни предуслови и стандарди за остварување на таа цел.

Улогата и задачите на високообразовните установи во Република Македонија подразбираат создавање, заштита и пренесување на знаењата за обезбедување на социјална и економска благосостојба и напредок на општеството, подготвување на студентите за занимања за кои е потребна примена на научни откритија и стручни знаења, а со цел оспособување и подготовка за нивно вклучување во општествените процеси како активни чинители.

Досегашните состојби на Правниот факултет во Кичево (со дисперзирани студии во Битола и во Струга), укажуваат на мноштво проблеми и потешкотии со кои се соочува факултетот од аспект на неговото непречено функционирање, одржливост и развој. Притоа, земајќи го во предвид апсорпциониот капацитет за упис на нови студенти во Кичево, општествениот амбиент за развивање на научната мисла и знаење, традицијата во правото и развојот на правната мисла, и воопшто развојот на факултетот како самоодржлива и  функционална високообразовна установа во Република Македонија. Оттука, како како клучни аспекти се наметнуваат интересот за студирање и запишување на нови студенти во седиштето на факултетот во Кичево, како и можноста за општествено ангажирање на студентите во текот на студиите и можностите за нивно вработување по дипломирањето.

Во моментов на Правниот факултет – Кичево (со дисперзирани студии во Битола и во Струга) постои значителна диспропорција на бројот на студенти кои студираат на дисперзираните студии во Битола, наспроти бројот на студенти запишани во седиштето во Кичево, соодносот е речиси 5 (пет) спрема 1 (еден) во корист на дисперзираните студии во Битола. Ваквата состојба сериозно го загрозува опстојувањето на факултетот, и со тоа генерира мноштво проблеми кои директно ја загрозуваат неговата елементарна одржливост во согласност со член 27 од Законот за високото образование и одредбите од Уредбата за нормативи и стандарди. Од досегашната практика, земајќи ги во предвид бројот на запишани и активни студенти, ангажиран или вработен наставно – научен и соработнички кадар, како и оперативната активност на факултетот во делот на организирање на наставно – научни и научно – истражувачки активности, може да се
заклучи дека дисперзираните студи во Битола природно се наметнуваат како гравитационен центар на факултетот.

За разлика од состојбите во седиштето на факултетот во Кичево, каде постои евидентен и континуиран негативен тренд за упис на нови студенти, интересот за студирање на дисперзираните студии во Битола слободно може да се оцени како позитивен со континуиран висок интерес, земајќи го во предвид трендот на запишување на студенти како на прв, така и на втор и трет циклус на студии. Дотолку повеќе, кон тоа придонесуваат и можностите кои ги нуди градот Битола за студентите (сместувачки капацитети за студентите кои доаѓаат од други места на живеење, универзитетска библиотека, спортски сали, театар и кино и сл.), традицијата на Битола во делот на правото (претходното постоење на Правен факултет во Битола од 1970 до 1987 година) и  адвокатурата (огромен број на еминентни адвокатски имиња кои потекнуваат од Битола или својата дејност ја извршувале во Битола), како и кадровскиот потенцијал на Битола во делот на правната наука и другите сродни научни дисциплини.

Имено, општествената оправданост за промената на седиштето од Кичево во Битола, директно се врзува и за бенефитот кој би го добиле токму студентите и факултетот како јавна високообразовна установа во Република Македонија. Со промената на седиштето на факултетот од Кичево во Битола, директно ќе се зголеми атрактивноста на факултетот за упис на нови студенти, но и подобрување на досегашниот уписен тренд, и тоа не само во квантитативна, туку и во квалитативна смисла на зборот, притоа запишувајќи студенти кои своето средно образование го завршиле со висок успех. Сето тоа ќе овозможи квалитативен развој на факултетот во иднина, и стекнување на услови за негово проширување со нови студиски програми, како на прв, така и на втор и трет циклус на студии. Во однос на регрутниот потенцијал на нови студенти, важно е да се спомени дека само во Битола се наоѓаат 7 (седум) средни училишта со околу 4000 – 7000 ученици, кои несомнено претставуваат база за регрутирање на нови студенти кои своето високо образование би го продолжиле на Правниот факултет.

Од аспект на институционалните можности кои факултетот треба да им ги стави на располагање на своите студенти, многу е важно да се нагласи дека во Битола постои Основен суд и Апелационен суд, Основно и Вишо јавно обвинителство, Канцеларија на народен правобранител, 7 регистрирани извршители, 13 нотари, 2 медијатори и 146 регистрирани адвокати, како и голем број на други јавни институции, приватни компании,регионални комори и заедници, и невладини организации, што несомнено отвора големи можности за воспоставување и интензивирање на различни форми на соработка со факултетот, а со тоа и отворање на можности за стипендирање и поддршка на студентите во текот на студиите, можности за реализација на практична настава, волонтирање и стажирање, но и поголеми можности за нивно вработување по завршувањето на студиите.

Тоа укажува дека промената на седиштето на Правниот факултет од Кичево во Битола, позитивно ќе се рефлектира врз студентското организирање на факултетот (кое во моментов е целосно дисфункционално), можностите за зголемување на нивните активности за време на студиите, но и после дипломирањето, како и јакнење на капацитетите на факултетот за иницирање и унапредување на регионалната и меѓународна соработка, и оптимално искористување на придобивките од меѓународните програми: ERASMUS+; CEEPUS, TEMPUS и др.

Предложената измена на Законот за основање на Технолошко – технички факултет, Ветеринарен факултет и Правен факултет во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола (Службен весник на Република Македонија број 81/2008) е во функција на исполнувањето на основните цели и задачи на високото образование во Република Македонија, притоа водејќи сметка за неговиот квалитет, бенефитот на студентите и организационо – техничките стандарди кои што треба да ги исполнува секоја високообразовна установа во Република Македонија.

Предложените законски измени можете да ги погледнете ТУКА

Препорачуваме

Партнери на Правдико