Правдико

   

Законски ограничувања за управување дронови во Македонија

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

oneplus-gotovit-dron-a-ne-geym-1920x1080( Обновено 04.08.2018г. ) Со Уредба за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонскиот воздушен простор (Службен весник на РМ бр.187/17) која се пропишуваат условите кои е потребно да ги исполнуваат операторот на воздухоплов без екипаж, како и самиот воздухоплов без екипаж.

Воздухоплов без екипаж според уредбата е дефиниран како Воздухоплов без екипаж е воздухоплов наменет за изведување на операции без екипаж, кој е управуван далечински или е програмиран и е автономен. Под овој поим се мисли и на безпилотните летала- дронови.

Според својата намена воздухопловите без екипаж се делат на:

1. Воздухоплови без екипаж кои се користат за комерцијални цели и/или сопствени
потреби;

2. Воздухоплови без екипаж кои се користат за воздухопловно-спортски активности и
рекреација.

Класификација на воздухоплов без екипаж

Врз основа на максималната маса на полетување и перформансите, воздухопловите без екипаж се класифицираат во 5 класи и тоа:

1) Класа 1 – која опфаќа воздухоплови без екипаж чија MTOW (Максимална маса на полетување) е помала од 0,5 кг., со максимална брзина на лет до 30 м/сек., и максимален радиус на оперирање до 100 м;
2) Класа 2 – која опфаќа воздухоплови без екипаж чија MTOW е од 0,5 кг. до 5 кг., со максимална брзина на лет до 30 м/сек.,и максимален радиус на оперирање до 2.000 м,
3) Класа 3 – која опфаќа воздухоплови без екипаж чија MTOW е од 5 кг. до 20 кг., со максимална брзина на лет до 55 м/сек., и максимален радиус на оперирање 3.000м,
4) Класа 4 – која опфаќа воздухоплови без екипаж чија MTOW е од 20 кг. до 150 кг., без ограничување на брзината, долетот и висината;
5) Класа 5 – која опфаќа воздухоплови без екипаж чија MTOW е поголема од 150 кг., без ограничување на брзината, долетот и висината;

Кој може да лета воздухоплов без екипажво македонскиот воздушен простор

Воздухоплов без екипаж може да лета во македонски воздушен простор доколку се
исполнети следните услови:

а) Операторот на воздухоплов без екипаж да поседува овластување за комерцијални операции или овластување за операции за сопствени потреби со воздухоплови без екипаж;

б) Летачките операции да се вршат согласно условите и начинот кој ќе биде опишан подолу во оваа статија;

в) Воздухопловите без екипаж да се евидентирани/регистрирани, обележани, изградени, пловидбени, одржувани и осигурани

г) Пилотот на воздухопловот без екипаж да поседува соодветна дозвола за оперирање,

д) Пилотот на воздухопловот без екипаж да биде обучен во овластени организации или  центри за обука кои ги исполнуваат условите пропишани во оваа уредба и

ѓ) Воздухопловите без екипаж од класа 5 задолжително мора да поседуваат уреди за избегнување на судир (ACAS/TCAS).

Сите воздухоплови без екипаж за да летаат во комерцијални цели или за сопствени потреби треба да бидат запишани во Евиденцијата на воздухоплови која ја води Агенцијата за цивилно воздухопловство и да бидат
обележани со евиденциска ознака за што Агенцијата издава Уверение за евиденција.

Реони на лет

Реоните на лет во кој може да лета воздухоплов без екипаж се делат на:

а) Реон I – Неизградено и ненаселено подрачје во кое нема присуство на луѓе, освен операторот кој управува со воздухопловот без екипаж,
б) Реон II – Изградено, но ненаселено место во кое постојат изградени објекти кои не се наменети за живеење на луѓето, во кое е можно повремено кратко задржување на луѓе,
в) Реон III – Населено подрачје, во кое постојат изградени објекти наменети за постојано живеење и престој на луѓе и
г) Реон IV – Густо населено подрачје, урбани или централни градски зони, како и сите подрачја на кои се собира голем број на луѓе.

Операторот на воздухоплов планираните активности треба да ги најавува во Агенцијата минимум 24 часа пред започнување на истите каде што јасно ќе бидат прецизирани:

– место и време на започнување и завршување со операциите,
– радиус на вршење на операциите означени на соодветна скица,
– максимална висина на операции,
– назив на правното лице или име и презиме на физичкото лице и број на овластувањето од страна на Агенцијата,
– име и презиме на пилотот на воздухопловот без екипаж и број на дозвола,
– контакт телефон на кој Агенцијата и/или надлежата контрола на летање ќе можат да издадат итна и неодложна наредба за приземјување на воздухопловот доколку проценат дека може да дојде до загрозување на безбедноста во воздушниот сообраќај.

Ограничувања во оперирањето со воздухопловот без екипаж

Во рамки на визуелна линија на видното поле, воздухоплов без екипаж (познатите дронови) може да оперира на максимално растојание од 500 метри хоризонтално и 120 метри вертикално од површината на земјата. По исклучок на ставот (1) од овој член, максималното растојание може да биде поголемо од 500 метри хоризонтално за воздухоплови без екипаж класа 4 и 5  при тоа истиот да биде во визуелната линија на видното поле на операторот на воздухоплов без екипаж, односно проширени операции на визуелна линија на видното поле но со доставување на дополнителна документација.

Ограничување на областите на оперирање

1. Воздухоплов без екипаж неможе директно да надлетува или да лета на растојание помало од 100 метри од објектите од значење за безбедноста, објектите на државните органи, како што се:

– објектите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија,
– објектите на Министерството за внатрешни работи,
– Владата на Република Македонија,
– Собранието на Република Македонија,
– резиденцијата на Претседателот на државата,
– дипломатските претставништва,
– електрани, електрични високонапонски постројки, постројки за складирање и прочистување на вода, казнено-поправни установи и т.н.

2. Воздухоплов без екипаж неможе дирекно да надлетува или да лета на растојание помало од 50 метри од луѓе на отворен или затворен простор.

3. Строго е забрането летање на цивилен воздухоплов без екипаж во делот на воздушен простор кој се простира во Контролирана зона – CTR освен со посебно одобрение на Агенцијата и давателот на услуги во воздухопловна навигација.

4. Не може да се вршат операции на воздухоплов без екипаж:

– под 30 метри растојание од брод, возило или инфраструктура,
– да лета во аеродромската зона без одобрение од надлежната контрола на летање и аеродромскиот оператор и
– во радиус помал од 3km од граничен појас.

5. Неможе да лета воздухоплов без екипаж кон лица, животни и собир на луѓе.

6.Не е дозволен превоз на луѓе, животни, опасни материи или било каков товар со воздухоплов без екипаж.

7.Не е дозволено управување со воздухоплов без екипаж од објект кој е во движење.

8. Не е дозволено управување на повеќе воздухоплови без екипаж истовремено од  страна на еден пилот на воздухоплов без екипаж.

9. Не е дозволено исфрлање на било какви предмети од воздухоплов без екипаж.

10. Воздухоплов без екипаж неможе да лета во контролирана аеродромска и терминална зона на воздухопловно пристаниште и да лета во воздушниот простор над надморска висина од 11000 стапки, доколку истиот не е опремен со уред за идентификација – транспондер и одбрение од надлежната контрола на летање.

Воздухоплов без екипаж може да лета само во текот на денот.  Летање со воздухоплов без екипаж ноќе е дозволено само за оператори кои се овластени за комерцијално работење и/или сопствени потреби и со посебно одобрение на Агенцијата

На што треба да внимава пилотот на воздухоплов без екипаж

Пилотот на воздухоплов без екипаж треба:

– воздухопловот без екипаж да го управува на начин да не го загрозува јавниот ред и мир, други лица и ствари на земја и да избегнува други воздухоплови со и без екипаж,
– да обезбеди дека летот на воздухоплов без екипаж се одвива во потполност во алоциран воздушен простор,
– пред летот да се увери во исправноста на системот на воздухопловот без екипаж и
– не смее да биде под дејство на алкохол, или психоактивни супстаниции, ниту во психофизичка состојба која го оневозможува безбедното управување со воздухопловот без екипаж.

За време на управување со воздухоплов без екипаж лицето кое управува со воздухопловот е должно покрај себе да го има упатството од производителот за користење на воздухопловот како и следните документи:
– Оригинал или нотарски заверена копија од овластувањето за комерцијално оперирање или сопствени потреби издадено од Агенцијата,
– Доказ за евиденција или регистрација на воздухопловот без екипаж и
– Соодветна дозвола и овластување на пилотот на воздухопловот без екипаж.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико