Адвокатската комора на РМ (АКРМ) во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ), започна со имплементација на едногодишен проект „Обука на адвокатите на одбраната за новиот Закон за кривичната постапка и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната“.
Аспектот на практичната примена на Законот за кривичната постапка и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, аспектот на правата на одбраната, вредностите, но и дефектите на овие закони, ќе бидат во фокусот на обуките и тркалезните маси што ќе се реализираат во рамките на проектот, а ќе се спроведуваат од страна на домашни и странски експерти.
Придобивките од овој проект, како што истакна претседателот на АКРМ, Никола Додевски, ќе бидат долгорочни не само за адвокатите кои ќе бидат обучени, туку и за Адвокатската комора како професионална организација во однос на зајакнување и проширување на капацитетите за продолжување на правното образование на адвокатите.