Заштита на правото на живот | Правдико

Правдико

   

Заштита на правото на живот

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

know-your-rightsВо структурата на природните, универзални и основни човекови слободи и права, по своето значење, природа и карактеристики, на прво место се издвојува правото на живот. За него се говори како за најзначајно, врвно човеково право, без чијашто ефикасна, квалитетна и благовремена заштита не е можно остварувањето на останатите слободи и права на човекот (правото на здравје, телесниот и физичкиот интегритет, слободата на движење итн.).

По својата природа, правото на живот претставува лично право што има апсолутен карактер и со коешто се обезбедува заштита на личните добра на субјектите во правото, и тоа како во однос на јавната власт така и во однос на останатите поединци.

Оттука произлегува и обврската сите останати лица да се воздржуваат од дејствија што би можеле да претставуваат повреда на титуларот на правото на живот. Истовремено, правото на живот спаѓа и во најзначајните општествени добра. Поради своето значење, ова фундаментално право добива и правно-нормативен израз: загарантирано е со низа меѓународни и домашни правни акти, и тоа со оние што имаат најголема правна сила.

Меѓутоа, иако се работи за една од највисоките човечки вредности, таа, како и секоја друга вредност, е подложна на разни ограничувања, како резултат на потребата за остварување на другите вредности. Така, во членот 2 од ЕКЧП, се наведува дека „правото на живот на секој човек е заштитено со закон“. Исклучоци од оваа јасна обврска се дозволени само за употребата на сила којашто е ништо помалку од апсолутно неопходна, како и:

а) при одбрана на кое било лице од незаконско насилство;
б) при законско лишување од слобода или спречување бегство на лице притворено во согласност со законот;
в) при законско спречување немир или бунт.

Онаму каде што претставниците на државната власт употребиле смртоносна сила против некој поединец, веројатно е дека фактите што се однесуваат на лишувањето од живот и мотивираноста за истото, во голем дел (ако не и сосема), ѝ се познати на државата. Од особено значење е лишувањето од живот извршено од страна на државен претставник, да биде предмет на отворен и објективен надзор.

Како членот 2 го толкува Европскиот суд за човекови права?

Судот го протолкува членот 2 (заедно со членот 1) како барање за официјална истрага или испитување, кога и да се случи убиство на поединец, како последица на сила што е употребена од страна на државно овластено лице. Ова претставува посебна должност за државата, па доколку изостане ефективната истрага/испитување, тоа само по себе ќе претставува прекршување на членот 2 од Конвенцијата. Испитувањето мора да ја
утврди причината за смртта и доколку таа настапила со употреба на сила, дали истата била неопходна и оправдана.

Извор: УЧИМЕ право : клиничка програма, Младински образовен Форум

Препорачуваме

Партнери на Правдико