Заштита од злоупотреба и вознемирување на правото на сопственост
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице и притоа е должен да се воздржува од повреди на правото на сопственост на друго лице .
Согласно Законот за сопственост и други стварни права, секој сопственик го остварува своето право на сопственост во согласност со природата и намената на стварта, како и со општиот интерес утврден со закон. Забрането е вршење на правото на сопственост спротивно на целта заради која е со закон признато и установено, или спротивно на моралот на општеството.
Правото на сопственост не смее да се врши со цел на друг да му се причини штета или тој да се спречи во остварувањето на неговото право. Оттука е забрането секакво злоупотребување на правото на сопственост со кое би се предизвикала некоја штета или се создадат определени околности од кои би се створила опасност од причинување на штета на туѓо добро.
Како последица која може да се јави од злоупотребата на правото на сопственост, е сопственикот кој врши злоупотреба, да биде задолжен да ја надомести направената штета, и тоа со враќање на првобитната состојба или давање на паричен надомест, зависно од околностите на случајот.
Правната заштита од злоупотребата на правото на сопственост се врши со тужба како напаѓачко средство.
Примери кои се јавуваат во праксата :
– ѕидање на висок ѕид, непотребно за да се спречи видикот на соседот;
– поставување висока ограда до соседниот аеродром која ќе пречи во полетување и слетување на воздухопловите;
– Изградба на полски клозет блиску до куќата на соседот, а можело да се изгради на друго место.
Исто така сопственикот на недвижност е должен при користењето на недвижноста да се воздржува од дејствија и да ги отстранува причините што потекнуваат од неговата недвижност, со кои се отежнува користењето на други недвижности (пренесување на чад, непријатни миризби, топлина, саѓи, потрес, бучава, истекување на отпадни води и слично), над мерката што е вообичаена со оглед на природата и намената на недвижноста и на месните прилики или со кои се причинува позначителна штета, ако со закон поинаку не е определено.
Прекумереноста треба да ја преминува онаа мерка која е вообичаена со оглед на природата и намената на недвижноста, во смисла на тоа што таа недвижност, во споредба со другите недвижности кои се од иста природа и служат за иста намена, предизвикуваат поинтензивни емисии од оние што се очекувале со оглед на досегашното вообичаено штетно дејствие кое потекнувало од другите недвижности од таков вид.
Доколку сопственикот на недвижноста кој врши вознемирување и не се воздржува од дејствија и не ги остранува причините што потекнуваат од неговата недвижност, со кое се врши отежнување на користењето на други недвижности, сопствениците на недвижностите кои се изложени на прекумерени имисии можат да бараат со тужба да се престане со вознемирувањето , да се надомести штетата која настанала како и да се воздржи од такво вознемирување во иднина.
Кај оваа тужба тужителот треба да го докаже своето право на сопственост, чинот на вознемирување како и тоа дека тужениот е тој кој го врши вознемирувањето.
Во однос на заштитата, секој може да бара од друг да го отстрани изворот на опасност од кој му се заканува позначителна штета нему или на неопределен број лица, како и да се воздржи од дејност од која произлегува вознемирување или опасност од штета, ако настанувањето на вознемирувањето или на штетата не може да се спречи со соодветни мерки.
Судот, на барање од заинтересираното лице, ќе нареди да се преземат соодветни мерки за спречување на настанувањето на штета или вознемирување, или да се отстрани изворот на опасноста, на трошок на држателот на изворот на опасноста, ако тој самиот не го стори тоа. Доколку штетата настане во вршењето на општокорисна дејност за која е добиена дозвола од надлежниот орган може да се бара само надомест на штетата која ги преминува нормалните граници (прекумерна штета).
Кај ваков тип на случаи не е исклучено и судот да дозволи привремени мерки за заштита и спречување на штетните дејствија кои произлегуваат од вознемирувањето.
Во судската практика се среќаваат следниве ситуации:
– Сопственикот има право да бара од соседот да го отстрани изворот на опасност со санирање на терасата која пропуштала вода и продира во неговиот стан. (ВСРМ РЕВ.407/97 од 12,11.1998год. 3б VII/15)
– Одземање на светлост, сонце и воздух на соседната зграда во мерка која ја преминува мерката вообичаена на определено место, се смета за имисија.
– Преземање на соосдветни мерки за спречување настанување на штета или вознемирување или за отстранување на изворот на опасноста се определува на трошок на владетелот на изворот на опасноста ако тој сам не го стори тоа.
–ПРАВДИКО–