Затворски казни за дивеење на спортски натпревари | Правдико

Правдико

   

Затворски казни за дивеење на спортски натпревари

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Десетина хулигани што дивееле на спортски натпревари добија затворски казни изминативе неколку месеци откако почна да се применуваат измените на Kривичниот законик и на Законот за спречувањето на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, дознава „Дневник“. Станува збор за околу 15 судски предмети против хулигани, а кои биле процесуирани во судовите во Скопје, Kавадарци, Тетово и во Kуманово.

mkd-117214

Информацијата ја потврди и судијата од Основниот суд Kавадарци, Лазар Нанев, кој е долгогодишен фудбалски работник и активен борец против насилството на спортските терени. Според него, новите законски решенија ќе имаат ефект и превентивно ќе влијаат за намалување на спортското насилство.

– Значајна улога имаат и измените на Kривичниот законик за кривичните дела против јавниот ред и мир. Во истиот се опфатени делата како насилство, напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста, учество во толпа што ќе изврши кривично дело и слично. Значи, дела што се карактеристични за хулиганството. Во зависност од кривичното дело, се утврдени и различни казни, од неколку месеци до десет години затворска казна – вели Нанев.

Со новите законски одредби, освен затворски казни, за хулиганите се предвидени и забрани за присуство на натпревари, кои ќе се однесуваат на навивачите што поради своето однесување ќе бидат впишани во Регистарот на хулигани, а кој треба да профункционира од јуни годинава.

– Со промените во Kривичниот законик прв пат во Македонија се воведе кривична санкција „забрана за присуство на спортски натпревар“, како што е случајот со западните правосудни системи. Очекувам дека Законот ќе биде ефектен во однос на превенцијата, а во таа насока е и воспоставувањето на Регистарот за хулигани. Преку него полицијата ќе има целосна контрола врз навивачите што одат на натпревари за да промовираат насилство и неред. Од друга страна, од контактите со навивачките групи може да се забележи дека тие не се многу среќни и не гледаат со наклоност кон ова законско решение – вели Нанев.

Тој смета дека е особено важно точно да се карактеризираат критериумите според кои некое лице е хулиган.

– Забрана за присуство на одреден или на сите натпревари и престој во полициска станица е санкција со која значително му се загрозуваат човековите права на поединецот. Затоа мора да се внимава при донесување одлука некој да биде евидентиран во регистарот како хулиган – смета Нанев.

Според Законот, МВР води евиденција за навивачите на кои им е изречена забрана за влез и присуство на сите или на одредени натпревари. Во регистарот се чуваат личните податоци на хулиганот, вид на прекршокот, правосилната одлука со која е изречена казната, за кои натпревари се однесува забраната, времетраење на забраната за влез и присуство на сите или на одредени спортски натпревари, како и припадност на навивачка група. Надлежниот суд, за правосилната одлука со која е изречена забраната за присуство на натпревари ги известува националните спортски федерации. Тие се должни да го известат организаторот на спортскиот натпревар за навивачите на кои им е изречена казната, како и спортскиот клуб ако тие лица се негови регистрирани навивачи.

Организаторот на спортскиот натпревар, пак, е должен да ги преземе сите мерки за да му оневозможи пристап во спортскиот објект на навивачот за кој знае или е должен да знае дека му е изречена забрана за присуство на натпревари.

Игор ШегавиЌХУЛИГАНИТЕ ЌЕ ГЛЕДААТ НАТПРЕВАРИ ВО ПОЛИЦИСКИТЕ СТАНИЦИ

Хулигани во дресови и шалови, без качулки на главите и забранети навивачки реквизити, наместо од трибините на салите и стадионите, натпреварите на своите омилени тимови наскоро ќе ги гледаат од дрвени столчиња во полициските станици. Таму сите навивачи што ќе имаат забрана за посета на натпревари и ќе бидат впишани во Регистарот за хулигани, кој ќе профункционира од јуни годинава, ќе мора да се пријават два часа пред натпреварот и каде што ќе треба да останат уште еден дополнителен час по завршување на мечот. Ако навивачот не се јави во полициската станица на подрачјето каде што живее, ќе плати казна од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.

KАЗНИ ОД 500 ДО 1.000 ЕВРА

Според новиот закон, 500 евра казна ќе платат навивачите што поседуваат пиротехнички средства, оружје и други предмети погодни за нанесување повреди кога доаѓаат на спортски натпревар и по неговото одржување. Истата казна ќе ја платат ако овие предмети ги внесат во спортски објекти или ако поседуваат или консумираат алкохолни пијалаци или дроги пред и во текот на натпреварот или ако ги внесат во објектот. Глоба од 550 до 750 евра ќе платат навивачи што истакнуваат транспаренти и знамиња или пеат песни што предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и вреска припадност, фрлаат предмети во теренот или во гледалиштето, недозволено влегуваат на терен или во делот на гледалиштето наменето за противничките навивачи, физички напад врз полицаец, редар, спортисти и други лица. Навивачите што ќе бидат маскирани додека ги вршат наведените прекршоци ќе платат казна од 600 до 1.000 евра. За сите прекршоци надлежниот суд може на навивачот да му изрече и забрана за влез и присуство на сите или на одредени спортски натпревари во траење до најмногу три години.

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико