Збогум за К-15
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Регрес ќе се исплаќа само во фирмите каде што има синдикат и кој за К-15 ќе потпише посебен договор со работодавецот
Исплата на регрес за годишен одмор, односно популарниот К-15, нема повеќе да има. Иако така не гласи официјалното, кусо соопштение по денешниот состанок меѓу Здружението на работодавците и Сојузот на синдикатите на Македонија, ССМ, не треба да се биде многу умен за да се дојде до тој заклучок. Бидејќи социјалните партнери, на вториот состанок во рок од една недела, со истиот дневен ред, се договорија оваа обврска за годинава да важи само за работниците од приватните компании каде што има синдикат (?!).
„Во одредени случаи би се утврдила и можноста при исплатата на регресот да се земе предвид економско-финансиската состојба на работодавецот, за што задолжително треба да се направи посебен договор со синдикатот, на ниво на работодавец, а по претходна согласност од синдикатот на повисоко гранско ниво, односно дејност. Договорено е формирање работна група која ќе го утврди точниот текст на измените и дополнувањата во Општиот колективен договор за стопанството“, стои во соопштението.
Значи, илјадници вработени во приватните компании не треба да се надеваат дека годинава, како лани, ќе добијат К-15 во висина од 8.500 денари. Бидејќи, многу дискутабилно, па дури и нереално звучи дека во некоја приватна компанија каде што има синдикат, газдите ќе потпишат со него договор за исплата на регрес. Прво, можат на прсти да се избројат ваквите македонски фирми. Многумина од нив и не дозволуваат формирање синдикат. Втора, уште подискутабилна работа е што, за да се донесе одлука за исплата на регрес, треба да се има предвид финансиската состојба на компанијата. Со други зборови, секоја фирма може да рече дека не стои добро на економски план и дека нема пари. А Синдикатот, односно „посебната работна група“ тешко дека ќе може да ја провери точноста на таа информација.
Откако на почетокот од минатата година ССМ и работодавците потпишаа измени во Општиот колективен договор, ОКД, за стопанството, со кои на компаниите им се даде обврската за исплата на регрес, за лани и за годинава, работодавците не престанаа да притискаат за повлекување или за менување на колективниот договор. Нивното оправдување е дека поради овој трошок, работат на работ на рентабилноста.
И додека е јасно дека ССМ потклекна под притисоците на компаниите, единствена реакција на укинувањето на К-15 засега има од потписниците на Синдикалната повелба. Тие вчера пред зградата на ССМ одржаа прес-конференција на која ги повторија ставовите од минатонеделната писмена реакција, во смисла дека повторно сериозно се намалуваат правата на работниците. Им порачаа на работодавците, за финансиските тешкотии да и’ се обратат на Владата која ги генерира условите за стопанисување, а не, како по навика, да им ги кратат правата на вработените.
Од левичарското движење „Солидарност“ велат дека не смее да се дозволи да се штеди на сметка на работниците и го повикаа ССМ да не става потпис со кој ќе го отстрани правото на К-15. „Ако се спушти обврската од Општ колективен договор, на посебен договор на ниво на гранка, тоа ќе значи дека работодавците ќе немаат обврска да исплаќаат регрес. А штом нема обврска, тоа практично ќе значи укинување на исплатата, а не промена на одреден модалитет“, вели Здравко Савески од „Солидарност“.
Извор: Утрински Весник