Правдико

   

Здравствени работници направиле прекршоци во случајот на стружанката која почина од коронавирус

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Има прекршувања во случајот со почината стружанка од коронавирус која и покрај тоа што имала упат од матичниот лекар не била примена во охридската болница, извести денеска Иринка Сотирова – Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

 

Вонредниот надзор во болницата кој почна вчера се уште трае, а комплетен извештај директорката најави дека ќе има до крајот на денот.

„Од досега добиените информации ќе ви потврдам, да, утврдено е прекршување во однос на неовозможување на здравствена заштита на пациент кој побарал здравствена заштита. Се однесува на здравствен работник кој бил дежурен во времето кога пациентката е донесена на преглед. Точен е податокот дека матичниот лекар за пациентката има издадено упат на 25 месецов. За сите други прашања ќе можам да одговорам и ќе го информирам и министерот во целокупниот извештај кој ќе биде подготвен денеска, затоа што изјави од лицата кои вечерта работеле или дежурале, тој ден или следниот ден во охридската болница, се уште се земаат“, рече директорката Сотирова – Бухова.

Во инфективното одделение во охридската болница работат тројца специјалисти и двајца специјализанти како високомедицински кадар, доктори и повеќе сестри.

„Одговорноста која ќе ја имаат и ќе се утврдува понатаму, ќе се утврдува од страна на ДСЗИ по членовите кои се овозможени од Законот за здравствена заштита“, најави директорката Сотирова – Бухова.

Таа извести дека Обвинителството иако јави дека има постапка за починатата стружанка, се уште не побарало информации од Инспекторатот.

„Ние како Државен санитарен и здравствен инспекторат обврзани сме да ги информираме сите институции кои може да постапуваат по ова прашање“, рече Сотирова – Бухова.

Нагласи и дека инфективното одделение во охридската болница функционира и ќе биде примен секој што ќе дојде со упат.

Министерството за здравство во саботата јави дека починала 66 – годишна стружанка која според епидемиолошката анкета, била на гости во Дебар пред да се прогласи кризната состојба на 13 март и семејството било во домашна самоизолација. Откако и се јавиле симптоми на 24 март закажала тестирање. Тестот и бил направен два дена подоцна, на 26 март. Резултатот кој бил позитивен на коронавирус стигнал следниот ден на 27 март, но стружанката и покрај упатот од матичниот лекар не била примена во болница и починала 28 март.

Министерството за здравство најави ревизија на целиот случај во истиот момент кога јави за смртта на стружанката, а и охридското Обвинителство извести дека поведува постапка. Министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека денес ќе ја разреши директорката на охридската болница.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико