Здружението на јавните обвинители склучи Меморандум за соработка со Здруженијата на обвинители од Западен Балкан | Правдико

Правдико

   

Здружението на јавните обвинители склучи Меморандум за соработка со Здруженијата на обвинители од Западен Балкан

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Здружението на јавните обвинители во Македонија, Унијата на обвинители на Албанија, Здружението на федерални обвинители на Федерацијата Босна и Херцеговина, Здружението на обвинители на Бугарија, Здружението на обвинители на Косово, Здружението на државни обвинители на Црна Гора и Здружението на обвинители на Србија, на ден 14.03.2018 година во Скопје, потпишаа Меморандум за соработка.

Овој Меморандум има за цел воспоставување на директна соработка помеѓу Здруженијата на обвинители од регионот на Западен Балкан, во согласност со принципите на меѓусебно разбирање и реализација на заеднички интереси. Со потпишувањето на Меморандумот, интенцијата е да се зголеми соработката и во насока на зајакнување на позицијата на овие Здруженија, да се стимулира регионалната соработка меѓу членовите на здруженијата, да се овозможи размена на информации и практични искуства, но и да се создаде една силна неформална мрежа на професионалци. Овој Меморандум претставува основ за имплементирање на заеднички проекти од меѓусебен интерес, кои ќе резултираат со конкретни мерки за развој на национално, регионално и меѓународно ниво, на самите здруженија и унапредување на работата на јавните обвинители, а воедно ќе биде основ за воспоставување на континуирани годишни состаноци на членови на Здруженијата.

Mеморандумот за соработка беше потпишан во рамки на првата тематска регионална работилница на Здруженијата на обвинители од Западен Балкан „Финансиски истраги и конфискација: подобрување на соработката во регионот на Западен Балкан“, која се одржа на 13-14 март 2018 година во Скопје, во организација на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија и Германското Друштво за меѓународна соработка ГИЗ – Глобална Програма за борба против нелегални финансиски текови. Присутните претставници дискутираа за законодавството во секоја од земјите учеснички кое ја регулира материјата од областа на финансискиот криминал и неговото санкционирање, потребите од измени и дополнувања на постојните законски решенија, но посебен акцент беше ставен на предизвиците со кои јавните обвинители се соочуваат при водењето на финансиски истраги во случаи на перење пари, корупција и даночно затајување.

Присутните учесници преку практични примери ги пренесоа проблемите со кои се соочуваат обвинителствата, но и добрата пракса при водење на овие истраги, носејќи заеднички заклучок дека и покрај различното законско, посредно или непосредно, дефинирање на финансиските истраги, неопходно е нивно паралелно спроведување со конвенционалните истраги, но ја нагласија и неопходноста за спроведување на прекугранична истрага преку директна и брза меѓународна соработка. Воедно, се дискутираше и за можностите при спроведување на судски одлуки за одземање на предмети и конфискација и потребата за реформи на стратешко ниво во правосудство во секоја земја преку имплементација на најдобри решенија и воспоставување на нови институционални тела, во насока на најефикасно спроведување на финансиските истраги и во крајна линија, конфискација на средствата.

Партнери на Правдико