Земјите од регионот ја зголемуваат конфискацијата на криминалниот имот
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Полициските служби низ целиот регион одземаат куќи, бродови, пари и друг криминално стекнат имот како превентивна мерка против криминалот, корупцијата и измамата.
„Кога некому ќе му одземете куќа, јахта или пари од банка, тогаш тоа е најдобар начин да го спречите и понатаму да се занимава со корупција и криминал. Тоа, исто така, служи како пример за другите кои сакаат да се занимаваат со тоа“, рече за SETimes Сеад Хоџиќ, адвокат од Сараево и поранешен судија на Врховниот суд на Федерацијата на Босна и Херцеговина (БиХ).
Владата на Федерацијата на БиХ е последната во регионот која усвои закон со кој се овозможува конфискација на криминален имот, одобрувајќи ја мерката во 2013 година. Република Српска (РС) и Хрватска усвоија вакви закони во 2010, а Србија во 2009 година.
Во основа, законите во сите земји од регионот функционираат на ист начин: Државата привремено го одзема имотот од лицата што се осомничени за организиран криминал или корупција. Ако обвинетите бидат прогласени за виновни за кривичните дела, нивниот имот се конфискува трајно.
Минатиот месец БиХ заплени имот вреден 10 милиони евра во сопственост на Зоран Чопиќ, близок соработник на црногорскиот нарко-бос Дарко Шариќ.
На 24-ти јануари Врховниот суд на РС го осуди Чопиќ на четири години затвор за перење пари, а судот нареди одземање на неговиот имот бидејќи обвинителот докажа дека истиот е стекнат со криминални дејства.
„Тоа е досега најголема вредност на трајно одземен имот, не само во РС, туку и во регионот. РС привремено блокираше имот во вредност од 25 милиони евра [од 2010 година]“, рече заSETimes Мирна Соја, портпарол на Министерството за внатрешни работи на РС.
„Во изминатите две години БиХ направи многу за развој на безбедносниот сектор и создавање на сите предуслови за борба против криминалот и корупцијата. Ние мораме да покажеме дека криминалот не се исплати. Мораме да се осигуриме дека имаме механизми за ефикасно спротивставување на криминалот и корупцијата и да создадеме механизми за одземање на нелегално стекнат имот. Иако имаме одредени резултати, мораме да продолжиме со унапредување на законодавството и институциите“, рече за SETimes Младен Чавар, заменик-министер за безбедност во БиХ.
Практиката на одземање на имотот на криминалните групи е, исто така, дел од легислативата на ЕУ. Првиот таков закон беше донесе во Италија во 1982 година, по што скоро сите земји-членки на Унијата усвоија слична легислатива.
Унијата моментно спроведува двегодишен проект за доближување на спроведувањето на законот на БиХ до нивото што е потребно за членство во Унијата.
Александер Јевшек, еден од водачите на проектот, рече дека групата ќе обезбеди законодавна насока, што ќе даде силна основа за државниот закон.
„Државниот закон ќе биде унапреден во однос на законите на ентитетите и ќе им даде поголеми овластувања на инспекторите. Имаше случај кога криминалец кој нелегално стекнал имот, откако беше процесуиран, го препишал имотот на роднини. Со новите прописи, сопственоста на имотот ќе биде следена и во тие правци и истиот ќе биде конфискуван ако инспекторот докаже дека истиот бил стекнат нелегално, без оглед кој го поседува“, рече Јевшек.
Хрватска конфискуваше околу 468 недвижности, две јахти, 10 возила и околу 450 уметнички дела во изминатите три години. Властите велат дека државата мора да го заштити имотот и да ја одржува неговата состојба.
„Конфискуваните автомобили се чуваат во складишта специјално предвидени за тоа, уметничките слики во музеи, парите на специјална банкарска сметка. Ако се работи за трајно одземен имот, државата може да го користи. На пример, автомобилите се даваат на центрите за социјална заштита и Министерството за внатрешни работи. Неколку станови и недвижности, исто така, им се доделени на штитениците на центрите за социјална грижа и за сместување на азиланти“, рече за SETimes Ивана Иванковиќ, портпаролка на хрватската Канцеларија за управување со државен имот.
Косовските власти неодамна отворија ново депо во Приштина како складиште за целиот запленет имот и нелегален имот. Властите велат дека продале имот во вредност од 500.000 евра во текот на изминатиот месец, при што парите се враќаат во државниот буџет.
Oд 2009 година Србија заплени околу 100 станови, 20 куќи, неколку деловни згради, еден хотел, повеќе од 100 автомобили, уметнички дела и еден брод.
Земјата го дава под наем најголемиот дел од запленетиот имот, што носи прилив од 90.000 евра месечно во државната каса, според Министерството за правда.
„Со оваа практика се испраќа јасна порака дека криминалот не се исплати. Доколку се докаже дека лицето го стекнало имотот со криминални дејства, имотот со одлука на судот трајно се одзема и станува сопственост на Србија“, се вели во изјавата за SETimes на Министерството за правда.
Ивана Корајлиќ, портпарол на Трансперенси интернешнал БиХ, вели дека законот претставува важен инструмент за властите.
„Одземањето на нелегално стекнатиот имот е од голема важност во процесуирањето на случаите на корупција и организиран криминал, бидејќи ја спречува „исплатливоста“ на ваквите видови криминал. Сепак, резултатите се сé уште недоволни и правосудството мора да биде многу поефикасно“, рече Корајлиќ за SETimes.
Извор: Setimes