Земјите од регионот се под огромен притисок од миграциските текови | Правдико

Правдико

   

Земјите од регионот се под огромен притисок од миграциските текови

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

tunisian-migrants-007“Ескалацијата на проблемот со незаконските миграции не се регионални или национални, тие се меѓународен проблем и затоа потребно е и меѓународен одговор на овој проблем“. Ова, меѓудругото, го истакна министерот за внатрешни работи Митко Чавков на Регионален форум на министри за внатрешни работи од земјите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ кој се денес одржа во Скопје.

Според министерот Чавков земјите од регионот изминатиов период беа и се уште се под огромен притисок предизвикан од миграциските текови кои се должат на конфликтите и жариштата кои траат во повеќе држави. “ Особено последниве недели Македонија од јужната граница се соочува со огромен притисок на илегални мигранти кои се обидуваат да ја искористат нашата територија како транзит упатувајќи се кон север односно во богатите членки на ЕУ“, потенцираше Чавков.

Оттаму, овој евидентен тренд продуцираше, како што нагласи министерот Чавков со четирикратно зголемување на бројот на мигрантите во првите пет месеци од годинава на територијата на нашата држава и приближно двојно зголемување на кривичните дела и сторителите поврзани со криумчарење мигранти во однос на истиот период од минатата година. Македонската полиција максимално ги вложува своите капацитети за справување со овој проблем, но сите заедно сме свесни за неговите димензии, рече Чавков, дотолку повеќе што проблемот со мигрантите не е локално или регионално прашање, туку тоа претставува глобален предизвик.

Во однос на последните случувања за злоупотреба на мигрантите од криминални групи, Чавков потенцираше дека МВР ги мултиплицира сите мерки и активности кои што резултираа со кривични пријави.

Покрај другите дискутанти на форумот на МАРРИ свое излагање имаше и амбасадорот на Велика Британија во Македонијиа Чарлс Гарет којшто истакна дека регионалните иницијативи и органи се од огромна важност во решавањето на прекуграничните прашања и особено кога се зборува за чувствителни прашања како што е миграцијата.

“Миграцијата не е првпат една од клучните меѓународни приоритети и целата меѓународна заедница е запрепастена од смртта на стотици па дури и илјадници мигранти кои се обидуваат да го преминат медитеранот. Сведоци сме на жртви и овде во Македонија. Бројките се чини дека растат неверојатно. Нелегалната миграција е прашање кое што бара сеопфатни решенија и Регионалниот центар МАРРИ кој што Британсакта амбасада го поддржува преку нашиот проект за подобрување на постапките за воспоставување на идентитетот на нелегалните мигранти во регионот на МАРРИ е дел од тој сеопфатен приод“, рече меѓу другото амбасадорот Гарет.

Тој, покрај ова најави дека Велика Британија, како и меѓународната заедница во глобала ќе ги поддржи националните институции во изградбата на одржливи и ефективни механизми за заедничка акција во идентификацијата на нерегуларните мигранти. “Ова ќе го направиме преку развивање и усвојување регуларна правна рамка во регионот на западниот Балкан за толкување на ретките јазици, а ќе се воспостави и заедничка база на податоци за преведувачи на ретки јазици коишто ќе ги користат националните миграциски служби во земјите членки на МАРРИ“, нагласи Гарет.

Инаку форумот на МАРРИ е организиран во рамките на Претседателството на Република Македонија 2014-2015 со оваа регионална иницијатива, а во рамки на денешниот собир претседателството со МАРРИ го превзеде Црна Гора.

Препорачуваме

Партнери на Правдико