Земјите од западен балкан може да бидат вклучени во Јункеровиот план
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Планот предвидува инвестиции во висина од 315 милијарди евра кои треба да отворат 1,3 милиони работни места.
Земјите од Западен Балкан, кои не се членки на Европската унија, би можеле да бидат вклучени во планот на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, за спас на европската економија. Ова беше речено на Самитот 100 лидери во Порторож. Претседателот на Европската инвестициска банка Вернер Хојер истакна дека Јункеровиот план предвидува инвестиции и многу прекугранични проекти со кои ќе бидат опфатени и земјите од Југоисточна Европа.
Хојер потенцира дека Јункеровиот план предвидува инвестиции во висина од 315 милијарди евра кои треба да отворат 1,3 милиони работни места. Целта на овој план е да се сврти курсот на кризата, бидејќи од почетокот на глобалната економска криза нивото на инвестиции се намалило за 20 отсто. Планот подразбира буџетските пари да се користат како гаранција за проектите, а и приватните инвеститори да дадат свој придонес. Фондот за инвестиции ќе биде пополнет со средства во износ од 21 милијарди евра, а Јункеровиот план предвидува тие да се мултиплицираат, односно секое евро од буџетот да се мултиплицира во 15 евра на приватните инвеститори, што ќе значи дека ефектот од фондот врз европското стопанство ќе изнесува 315 милијарди евра.
Хојер, кој е задолжен за спроведување на Јункеровиот план, вели дека целта е да се покријат две „дупки“, инвестициите и областа на иновациите. Според него нивото на инвестиции од почетокот на глобалната економска криза во 2007 година се намалило за 20 отсто, а земјите од ЕУ заостануваат во просек 18 години во споредба со некои земји од Азија и САД.
Еден од најголемите проблеми на стариот континент е невработеноста меѓу младите, а тоа дополнително покажува дека Европа треба да ги зголеми инвестициите, вложувањата во иновации и во образованието.
Јункеровиот план се очекува да биде усвоен во текот на летово, откако ќе ја помине процедурата во европските институции.
Извор: Утрински Весник