Зголемен бројот на малолетничкиот криминал за 19 отсто за една година | Правдико

Правдико

   

Зголемен бројот на малолетничкиот криминал за 19 отсто за една година

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во 2013 година споредено со 2012 се бележи зголемување на бројот на малолетници кои дошле во судир со законот со 19 отсто на ниво на држава, соопшти денеска Миле Гиновски, претседател на Државниот совет за превенција на детско престапништво кој денеска го презентираше Извештајот за состојбите во областа на правата на децата и малолетничкото престапништво во 2013 година пред членовите на собраниската Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

maloletnik

Најалармантна е ситуацијата во Велешко каде според податоците на СВР Велес е констатиран пораст на поднесени кривични пријави за малолетни престапници за 106 отсто и на подрачјето на СВР Скопје каде оваа стапка е зголемена за 65 отсто во споредба со минатата година.

Според Гиновски, опаѓање на бројот на малолетничко престапништво се бележи во СВР Битола и во СВР Струмица. Поради тоа што е констатирано дека најслаба алка во превенирањето или во намалувањето на бројот на малолетнички превенции е комуникацијата со локалните самоуправи од понеделник тој најави средби со градоначалници на најголем дел од општините во земјата. Според него, досега се формирани 16 општински совети од кои само еден е активен, додека останатите се пасивни.

Во однос на злоупотребите на дроги, регистрирани се 20 случаи на зависници од дрога на осум, девет, 10 и 12-годишна возраст. Апелираше институциите сериозно да се зафатат со овој проблем за да се спречи злоупотребата на дроги меѓу малолетниците. Исто така, укажа на потребата од воведување нови стандарди за сместување во Домот за малолетнички престапници во Тетово.

Пратениците сметаат дека треба да се зголемат надлежностите на Советот се со цел тој да има посилно влијание во превенцијата на малолетничката деликвенција.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека на оваа состојба мора да и се пристапи сериозно, дека задолжително треба сите надлежни институции почнувајќи од МВР, Образование и наука и Министерството за труд да се вклучат во превенирање на малолетничкото престапништво. Исто така ја поддржува и идејата за воведување на училишен полицаец во училиштата.

Претседателот на Комисијата Влатко Ѓорчев имајќи ги предвид високите стапки на зголемување на малолетничко престапиштво во неколку општини, но и пасивноста на локалните самоуправи, сугерираше претставници на Советот да имаат свои настапи на локалните медиуми преку кои директно ќе им даваат совети на родителите како да пристапат кон децата и малолетниците.

Извор: Дневник

Партнери на Правдико