Женските човекови права низ призмата на правните акти во земјите ширум светот
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Правните акти во форма на закони, регулативи, легислатива се првиот столб на регулирање на човековите права во пишана форма како еден вид на гаранција за заштита на правата на тлото на секоја држава ширум светот.
Со самиот развој на демократијата, слободата на движење и говор, човековите права се наоѓаат на различен стадиум од нивниот развој во различни земји, односно напоредно со развојот на економскиот, политичкиот и правниот поредок на земјата се шири и опсегот на правата кои ги уживаат граѓаните. Правната рамка речиси секогаш потфрла кога станува збор за женските човекови права, и тоа многу повеќе во делот на нејзиното почитување и примена во практиката, отколку во делот на нејзиното конципирање и воспоставување.
Во различните земји во светот во зависност од степенот на нивниот општествен развој се бележат и различни стадиуми на развој и заштита на женските човекови права. Имено, во најновото истражување кое го спроведува Гардијан, а притоа користејќи ги податоците на World Bank и UN, како критериуми за оценување на степенот на напредок на државите во светот во поглед на достигнувањето на родовата рамноправност и издигнувањето на жената на ист пиедестал како и мажот се земаат во предвид следниве аспекти:
– колку од земјите ширум светот имаат донесено закони за спречување на насилството?
– кои од земјите имаат законска рамка за родова рамноправност?
– во кои од земјите е забранет абортусот?
– колку од земјите имаат правна легислатива која го регулира сексуалното злоупотребување на жената, мобингот и сексуалното вознемирување на работното место, какви се работничките права на жените
– какви се правата на жените во поглед на стекнувањето на имот и недвижности;
– кои се правата на жените загарантирани со Устав итн.
Тука се поставува прашањето каде Македонија како земја се наоѓа во ваквиот лавиринт од податоци?
Имено, законската и институционална поставеност во поглед на родовата рамноправност во РМ котира на мошне високо ниво. Имено, родовата рамноправност е загарантирана како таква со Уставот на РМ, а сегментот на родова рамноправност дополнително е вметнат во речиси целокупната законска легислатива, при што тука споменувајќи го и посебниот Закон за еднакви можности помеѓу мажите и жените, како и Националната стратегија за родова рамноправност. Покрај тоа, Македонија не заостанува и во делот на законот за спречување и заштита од дискриминација, потоа законот за семејство во кој што е вметнат и делот за заштита од семејно насилство, закон за абортус околу кој имаше доста спротиставени ставови за оправданоста на неговото донесување во делот на правото на жената да ја донесе конечната одлука за својата иднина, како и законот за работни односи кој што опфаќа бројни аспекти за положбата и заштитата на жената на работното место, правата на жената за време на бременост и породување, законот за здравствена заштита итн.
Меѓутоа, иако, бројките на институционалните тела и механизми посветени на оваа проблематика говорат едно, реалноста говори сосема нешто друго. Во Македонија сеуште ги нема доволно жените на раководните и одлучувачки позиции не само во јавниот туку истовремено и во приватниот сектор, а тука треба да се спомене и нивниот пристап до образование, социјална и здравствена заштита итн., односно со еден збор сеуште сме на почетокот на рамноправно учество на жените во сите општествени сфери поради постоењето на бариерите, стереотипите и предрасудите во општеството. Ова особено важи за жените кои што живеат во руралните средини во државата каде што родовиот јаз е далеку поизразен за разлика од урбаните средини. Имено, руралните жени многу тешко доаѓаат до пазарот на труд поради немањето на образование, социјален живот, превоз, редовни здравствени прегледи, немањето на никаква можност за донесување на одлуки, како во домот така и надвор од него, како и поради понатамошното практикување на традиционалната улога на мајка и жена во домот.
Што се однесува пак до околните балкански земји ситуацијата и не е многу поразлична.
Србија
Во поглед на семејното насилство има добро поставена законска рамка за заштита и превенција од семејно насилство, вклучувајќи ја тука и вонбрачната заедница. Застапена е и заштитата од физичка и психичка злоупотреба но сеуште не е разработен и делот кој се однесува на сексуалната злоупотреба. Како пропуст кој постои во законската рамка е основањето на посебена судска постапка за справување со случаите од семејно насилство кој би ја подигнал ефикасноста и професионалноста при решавање на ваков тип на чуствителни случаи.
Уставот во србија не содржи дискриминирачки клаузули ниту пак клаузули кои фаворизираат одреден пол. Уставот гарантира еднаквост на сите пред законот.
Што се однесува на вознемирувањето Србија поседува посебен закон за сексуално вознемирување како и кривични санкции за сторителите. За вознемирување на работно место се предвидени и посебни кривични санкции
Според законите во Србија во поглед на имотните права, мажот и жената имаат еднакви право во поглед на условите за стекнување на имот. Во делот на наследувањето синовите и ќерките имаат еднакви права за наследување, истото се однесува и на брачните другари.
Абортусот е дозволен. На жената и е дозволено да абортира поради спасување на нејзиниот живот, поради менталното и психичко здравје, во случај на силување или инцест како и се остава слободно правото на избор на жената сама, по нејзино барање, да побара абортус.
Забранета е секаква дискриминација при вработувањето. Заштитени се и бремените жени од отказ за време на користење на правото на породилно отсуство. Сепак постои пропуст во заштитата на тоа работодавачот при вработувањето да не смее да бара информации за семејниот статус на кандидатот за вработување, како и непостоење на право на посебно отсуство на мајки доилки.
Албанија
Заштитата од семејно насилство во Албанија е на високо ниво. Покрај тоа што постои специјализиран закон за спречување на семејното насилство, исто така постои и специјализирана судска постапка за справување со семејното насилство. Законот ги опфаќа сите видови на физичка,психичка , финансиска и сексуална злоупотреба. Правата и заштитата се однесуваат и на вонбрачните заедници.
Уставот на Албанија не содржи дискриминаторски клаузули, ниту клаузули кои фаворизираат само еден пол. Уставот гарантира еднаквост на сите пред законот.
Во поглед на вознемирувањето постои специјален закон за заштита и спречување на сексуално вознемирување. За сторителите се предвидени и кривични санкции. Законот нуди заштита од сексуално вознемирување при вработување и на работно место но не и на јавни места.
Имотните права предвидуваат еднаквост на мажите и жените во поглед на првото на стекнување имот. Наследните права се изаднечени како и на машките и женските деца така и кај брачните другари.
Абортусот е дозволен. Дозволено е да се абортира поради спасување на животот на жената, поради менталното и психичко здравје, во случај на силување или инцест како и се остава слободно правото на избор на жената сама, по нејзино барање, да побара абортус.
Забранета е секаква дискриминација при вработувањето. Постои пропуст во заштитата на тоа работодавачот при вработувањето да не смее да бара информации за семејниот статус на кандидатот за вработување, недефинирање на принципот еднакво плаќање за еднаква работа. Опфатено е и правото за право на посебен одмор за жените доилки.
Хрватска
Хрватското законодовства во однос на заштитата од семејно насилство е на добро ниво. Постоењето на специјален закон за заштита од семејно насилство како и постоење на посебна судска постапка за решавање на ваков тип на случаи дава добра подлога кон развојот на заштитата во оваа проблематика. Со законот се опфатени физичката, психичка, финансиска и сексуална злоупореба. Заштитени се и вонбрачните заедници.
Уставот гарантира еднаква заштита на сите пред законот.
Имотните и наследните права се изаднечени и кај мажите и кај жените.
Абортусот е дозволен. Дозволено е да се абортира поради спасување на животот на жената, поради менталното и психичко здравје, во случај на силување или инцест како и се остава слободно правото на избор на жената сама, по нејзино барање, да побара абортус.
Во однос на работничките права, се гарантира принципот на еднакво плаќање за еднаква работа. Забрането е секакво дискриминирање при вработување како и посебна заштита од отказ на бремените жени и посебни права на жените доилки.
Законодавната рамка во однос на заштитата од семејното насилство во Босна и Херцеговина како и во останатите земји на балканот е на високо ниво. Постои специјален закон за заштита од смејно насилство кој ги опфаќа сите форми на злоупотреба како што се психичката,физичката, финансиската и сексуалната злоупотреба. Законот ги опфаќа и вонбрачните заедници. Покрај законската рамка за заштита од семејно насилство дефинириана е и посебна судска постапка за справување со семејно насилство.
Уставот на Босна и Херцеговина не содржи дискриминаторски клаузули, нити пак фаворизира одреден пол во поглед на правата кои ги гарантира. Во уставот на БиХ не се гарантира еднаквост на сите граѓани пред законот.
Во поглед на сексуалното вознемирување постои посебен пропис кој ја регулира оваа материја, како и присуство на кривични санкции на сторителите на ваков вид на вознемирување. Законодавната рамка ги опфаќа сексуалното вознемирување во образованието, при вработување, на работно место, но не и на јавни места и сексусуалното вознемирување при обезбедување на услуги.
Што се однесува на имотните права и наследничките права двата пола се потполно изаднечени.
Абортусот е дозволен. Дозволено е да се абортира поради спасување на животот на жената, поради менталното и психичко здравје, во случај на силување или инцест како и се остава слободно правото на избор на жената сама, по нејзино барање, да побара абортус.
Во областа на работничките права не е предвиден принципот на еднакво плаќање за еднаква работа, како и забраната на работодавачот да бара информации за семејниот статус на кандидатот за вработување. Законот забранува секаква дискриминација по било кој основ, и дава посебни привилегии и права на жените кои се на породилно отсуство и доилките.
Ваквиот приказ на ситуацијата со балканските земји во поглед на правните акти кои ги гарантираат женските човекови права ни дава една јасна и целосна слика дека поставеноста на правниот систем во секоја од земјите, вклучувајќи ја тука и уставната концепција, е на доста високо и завидно европско ниво. Меѓутоа, така е и со најголемиот број на земји ширум светот дури и со оние кои што се наоѓаат на почетниот стадиум од нивниот демократски развој (за што детално може да погледнете низ интерактивната мапа). Она што не треба да се занемари и на кое што постојано мора да се внимава е имплементацијата на ваквите правни акти во реалноста и секојдневниот живот, што често пати оди многу потешко отколку ставањето и заштитата на женските права на хартија.
Извор на податоците каде се прикажани статистики и за другите земји во светот: The Guardian
–ПРАВДИКО–