СЈО го истражува „Скопје 2014“, Жерновски повикан да даде исказ
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, во вторник треба да се појави во Специјалното јавно обвинителство, каде што е повикан да даде исказ во врска со проектите во ДУП „Мал ринг“. Се работи за централното градско подрачје, каде што се сместени спомениците и објектите од владиниот проект „Скопје 2014“.
За овој проект, СЈО од пред неколку месеци има оформено предмет. Како што пишуваа медиумите, четири предмети поврзани со „Скопје 2014“ од Општина Центар по барање на Специјалното јавно обвинителство се преземени за истражување. Обвинителите на Катица Јанева ги истражувале спомениците и милионските суми за „Воин на коњ“, „Воин“, Цар Самоил и споменикот на Методија Андонов-Ченто. Од СЈО побараа документација од општина Центар и ревизорските извештаи оттаму.
Од општина Центар потсетуваат дека по нивно барање се изработени два ревизорски извештаи. „Врз основа на документи и докази, констатирани се низа неправилности и кршење на закони, неколкукратно поскапо платени споменици, криминални тендерски постапки. Целиот материјал и извештаите беа доставени во Јавното обвинителство пред три години. Обвинителството побара дополнителни докази, што веднаш беше сторено од општина Центар. Од тогаш, Јавното обвинителство молчи за овој предмет и не го процесуира, со што се спречува започнувањето на правната разврска“, велат од општина Центар.
Извор: Утрински Весник