ЗНМ ги осуди нападите врз Мирослава Бурнс и Љупчо Златев | Правдико

Правдико

   

ЗНМ ги осуди нападите врз Мирослава Бурнс и Љупчо Златев

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Здружението на новинарите на Македонија ги осуди заканите кон новинарите Мирослава Бурнс од „Слободен печат“ и Љупчо Златев од „Лидер“.

Бурнс во текот на вчерашниот ден добила низа закани на својот личен профил на „Фејсбук“ поради објавување текст за свадба што се одржала во Тетово укажувајќи дека тоа е спротивно на законската регулатива, која се однесува на борбата против епидемијата на Ковид-19.

„Бараме од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство итно да преземат дејства за откривање на лицата што стојат зад профилите од кои ѝ се заканиле на новинарката и да ги изведат пред лицето на правдата. Објавувањето вакви и слични престапи од јавни собири преку кои може да се загрози јавното здравје е од јавен интерес и новинарите во никој случај не треба да добиваат закани за својот живот поради откривање и обелоденување на ваквите групни собири“, велат од ЗНМ.

Здружението на новинарите на Македонија го осуди и нападот што се случил вчеравечер во еден скопски локал врз новинарот и уредник на „Лидер“, Љупчо Златев.

„Бараме од Министерството за внатрешни работи итно да ги истражи мотивите за нападот, како и лицата што биле вклучени во инцидентот. Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство само преку брза постапка ќе покажат дека постои волја за расчистување случаи во кои има напади врз новинари. Со тоа ќе се придонесе кон обесхрабрување на идни напади, а и ќе се подобри степенот на безбедност на новинарите и медиумските работници“, велат од ЗНМ.

Сите видови притисоци и закани кон новинарите и медиумските работници, додаваат од таму, негативно се одразуваат врз слободата на изразување и креираат ефект на самоцензура.

„Очекуваме од идната влада сериозно да се зафати со креирање безбедна работна средина за новинарите како еден од најважните предуслови за слободно новинарство“, велат од ЗНМ.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико