ЗНМ: Интернет порталите ќе бидат надвор од Законите за медиуми | Правдико

Правдико

   

ЗНМ: Интернет порталите ќе бидат надвор од Законите за медиуми

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

znmВладата на Република Македонија и Здружението на новинарите на Македонија се согласуваат интернет порталите да се исклучат од Законот за медиуми, ЗНМ како претставник на новинарите да предложи член во Советот на Агенцијата за медиуми и во членот 48 од Законот за аудио и адуиовизуелни медиумски услуги да се додаде нов став со кој ќе се појасни дека секое ограничување на содржина на медиуми може да се направи согласни судската пракса на Еврпскиот суд за човекови правата во Стразбург. Овие предлози на ЗНМ Владата се обврзува да ги имплементира најдоцна до крајот на јануари 2014 година, соопшти ЗНМ.

„За нас како здружение е многу битно интернет просторот да остане неконтролиран од државата, како единствен простор во кој сеуште се негува плурализам на медиуми, владата да не се меша во здружувањето на новинарите и самоволно институциите да не можат да ограничуват медиумски содржини, туку само во согласност со европските стандарди.

Освен за овие три прашања за кои има согласност, остануваат сите други разлики кои досега постоеја меѓу ЗНМ и Владата.

ЗНМ останува на ставот дека нема потреба за донесување на закон за медиуми, иако драстично се намалени обврските за печатените медиуми само на потребата за објавување на импресум и сопственичката струкута и заштита од порнографија.

ЗНМ смета дека закон за медиуми во услови кога Македонија рапидно паѓа на ранг листите на реномираните меѓунардони организации за слободата на медиумите е апсолутно неприфатливо. Не можеме да прифатиме печатените медиуми да имаат обврска да објавуваат импресум кога веќе тоа го прават речиси сите печатени медиуми, како и дека не може владата да бара транспаретност за сопственичката структура на весниците кога таа самата нетранспаретно троши пари во медиумите. Крајно непотребно е да им се наметнат обврски на печатенте медиуми кога тие се соочуваат со сериозни предизивици за опстанок на пазарот.

Освен тоа, ЗНМ не се согласува со концептот за формирање на Агенцијата за медиуми и со решенијата за Македонската радиотелевизија, посебно делот на предлагање на кандидати за ченови на Советот на Агенцијата и на Програмскиот совет на МРТ, отсуството на одржливо финансирање и транспаретност во работата на овие институции . Сметаме дека овие делови во законот не се во согласност со препораките и стандардите воспоставени од Советот на Европа и ние ќе продолжиме да ги спориме.

ЗНМ не го прифаќа објаснувањето на владата дека за владините реклами не треба да се донесе законско решение, со кое ќе се обезбеди транспаретност во трошењето на јавните пари, ќе се дефинира поимот што е кампања од јавен интерес и ќе се предвидат критериуми за распределба на кампањите.

Исто така, ЗНМ е против членот 92 од законот за аудио и адиовизуелни медиумски услуги, со кој на националните телевизии им се покриваат 50 посто од трошоците за прозиводство на домашна продукција за играна и документарна програма. Ние сме убедени дека дополнителното трошење на јавни пари во приватните национални радиодифузери, е дополнителен механизам со кој владата ќе влијае на уредувачката политика на овие медиуми. Ако владата сака да ја потикне домашната продукција, тие пари треба да ги даде во јавниот сервис, а не во приватни компании, кои секоја година остваруваат милионски профити.

ЗНМ останува на ставот нема никава потреба за дефинирање на професијата новинар и за нас тое е заобиколен начин за лиценцирање на новинарите. Доколку владата смета дека тоа е во интерес на новинарите, тогаш препорачуваме да се дефинира и професијата политичар.

На крај, казните за медиумите во двата закани се екстремно високи и непропорционални, со што може негативно да влијае на работата на медиуми и да потикнуваат самоцензура. Трошењето на нетранспарентен начин на јавни пари во комбинација со високи казни покажува дека владата во однос на медиумите применува политика на морков и стап. Послушните медиуми ќе ги наградува, а непослушните ќе ги казни. За ЗНМ ваквиот однос кон медиумите е крајно недемократска практика, со која се загрузува слободата на изразувањето и слободата на медиумите.

ЗНМ го задржува правото да продолжи јавно да ги спори лошите решенија во законите и да бара од владата да ги подобри. Одговорноста за лошите решенија во понудените закони е само на владата, а наша одговорност како Здружение е да предупредуваме за евентуланите негативни ефекти од нивната примена и да понудиме решенија за подобрување на текстот на законите. Ние ќе ќе ја следиме примената на законите и за секој негативен ефект врз нивната работа ќе реагираме и ќе ја информираме домашната и светската јавност“, порачува новинарското здружение.

Извор: ЗНМ

Препорачуваме

Партнери на Правдико