Правдико

   

Зошто Каталонија заслужува независност?

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

cataloniaПодемот на национализмот е очигледно во пораст насекаде низ Европа, со претстојниот референдум во Шкотска, можната поделба на Белгија, па и референдумот во Каталонија, се поставува прашањето, каква би била иднината на западно-европските држави доколку продолжи овој тренд на сецесии и барања за независност. Постојат доста причини зошто Каталонија заслужува независност, но најголемиот дел од нив се повеќе економски, отколку културолошки причини.

Уставот на шпанското кралство од 1978 година, напишан по падот на диктатурата на Франко, создал 17 автономни заедници, меѓу нив и Каталонија, како независна заедница во склоп на Шпанија. Како таков, уставот на Шпанија, со текот на годините има обезбедено одреден степен на стабилност во државата, но ја нема угасено желбата за независност која веќе подолг период се зголемува кај каталонскиот народ. Каталонија како дел од автономните заедници на Шпанија, со над 7 милиони жители е поголема од неколку земји-членки во Европската унија, но сепак таа не е застапувана и нема право на глас во истата таа унија во која и таа економски придонесува.

Во секој случај, каков и да е исходот од референдумот во оваа земја и дали би бил истиот признат од страна на Мадрид, значајно е да се спомене дека каталонците имаат барем некакво право на само-определување. Причините зошто Каталонија заслужува независност можат најпрво да се најдат во тоа што каталонското општество, е општество во кое што се говори каталонскиот јазик, кој е сосема поинаков од мнозинскиот кастилијански (шпански јазик). Најголемиот дел од каталонците со текот на времето ги загубиле (или никогаш ги немале) сентименталните врски со останатиот дел од Шпанија, за нив каталонското знаме (четири ленти на златно поле) ја претставува нивната култура и нивните вредности.

Catalonia-independenceТие се горди на своето знаме и на својата химна, како и секој граѓанин на Европа што би бил горд на истото. Дури и во странство, каталонците не се идентификуваат како шпанци, тие се горди каталонци и насекаде се претставуваат како такви, а во меѓувреме ги промовираат своите традиции и вредности и се доста горди на својот национален идентитет како каталонци.

Како дел од Шпанија, во моментов и Каталонија се соочува со длабоката економска криза која ја има зафатено целата држава, па така таа мора да придонесе со околу 8% од својот годишен БДП за надминување на економската криза, кое е далеку повеќе од било какви обврски на солидарност спрема централната власт со цел да се одржи веќе економски не-ефикасната шпанска држава. Во овој поглед, лошата економија има голема улога, таа е најголемиот фактор за сецесија, покрај национализмот и потребата за само-определување, кои се исто така клучни во желбата за сецесија од Шпанија. Само со независна држава, каталонците би можеле да управуваат слободно со своите ресурси и со својот буџет како што самите сметаат дека е најдобро, а во исто време да не бидат подложни на фискалната дискриминација, која во моментов ја доживуваат од Шпанската држава. Според тоа, каталонците имаат желба, а имаат и право да управуваат со сопствените ресурси, во согласност со потребите на нивната заедница, користејќи ги истите на рационален и одржлив начин.

Не смее да се заборави и фактот дека Каталонија веќе има атрибути на една нација-држава. “Castellers”, “diables”, “gegants”, “sardanes”, “diada de Sant Jordi”, “calçotada”…тоа се работи кои само каталонците би можеле, гордо да ви ги објаснат, нивната култура и нивното постоење како народ е повеќе од 1000 години. Културното наследство на каталонската нација е тоа што им овозможува да постојат како слободна нација, нација на која веќе и е потребна и посебна држава.

catalonia-independence-referendum-date.si_

Во моментов, Каталонија не може да се натпреварува самостојно на меѓународните спортски настани. Дури и доколку сакаат каталонците да учествуваат на начинот на кој што учествуваат Шкотска или Велс, независно на сите спортски настани, шпанската влада тоа постојано го забранува. Шпанија го освои светското првенство во фудбал во 2010 година, а седум од играчите во тимот беа Каталонци. Каталонците имаат право, гордо да ја претставуваат својата нација на сите спортски настани. Секој народ има право самиот да одлучува за својата иднина и гордо да ја претставува својата нација во светот. Во овој момент, желбата и правото самите да одлучуваат за својата иднина се од суштинско значење за каталонците.

Но, за разлика од Шкотска која е дел од Обединетото кралство, и без која неговото формирање не би било можно, Случајот со Каталонија е сосема спротивен. Каталонија е дел од Шпанија, таа е дел од 17 автономни заедници создадени во 1978 година. Шпанија иако наликува на таква, таа сепак не е федеративна држава, а Каталонија не е држава која е членка на некоја федерација. Каталонија е дел од Шпанија, а со тоа, таа е дел и од неделивата шпанска територија која е меѓународно призната како таква.

catТочно е дека Каталонија има голем степен на автономија од централната власт, но тоа е исто и за сите останати автономни заедници кои постојат во Шпанија, во тоа може да најдеме и дел од проблемите со можната независност, велам дел бидејќи сега за сега, Каталонија е токму тоа, дел од Шпанија. Патот до независност, кој никогаш не бил лесен за каталонците, нема да биде лесен ни сега, резултатите од претстојниот референдум ќе имаат само споредна улога во целата ситуација, проблемот кој сега го има каталонската влада на чело со Артур Мас, е како тој референдум да биде признат од страна на Мадрид, а во исто време и меѓународно признат. Во овој поглед, меѓународното право не е на страната на Каталонија, но како и секогаш, работите и не се така едноставни, случајот со Косово ја отвори пандорината кутија, а тоа што се случува во Крим само го потврдува тој факт.

Желбата за независност и национализмот кој ја има зафатено Каталонија, уште од сега покажува дека референдумот би бил успешен, но вистинското прашање е што понатаму, кои би биле следните чекори на каталонската влада доколку би успеал референдумот, и се разбира, како би реагирала владата во Мадрид на се тоа. Доколку каталонците успеат да се изборат за независност, тоа ја отвара вратата отворена не само за Баскија и за останатите автономни заедници на Шпанија, но и за сите останатите региони низ Европа кои би го користеле примерот со Каталонија за добивање на сопствена независност. Независна Каталонија е нешто што шпанската држава, не смее и нема да го дозволи, бидејќи со тоа се отвара можноста за потенцијална независност и на останатите автономни заедници.

Каква ќе биде иднината и дали Каталонија ќе биде новата независна држава во Европа останува да видиме, а времето ќе покаже дали сонот на каталонците за независност конечно ќе се оствари.

Автор: М-р Јован Ѓорговски

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико