Зошто САД нема да интервенира на блискиот исток?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.По повеќе од една деценија на војни во кои учествуваше САД, заморот кој се создаде во оваа држава и општото незадоволство кон нив, сега кога најмногу треба, ја држи Америка надвор од случувањата во светот. Настаните на блискиот исток, напредувањето на исламската држава и граѓанската војна во Сирија, се само дел од работите врз кои САД нема некоја голема контрола. Ирак како држава по американското воено присуство, е држава која е пред расцепување и целосен колапс.
Курдите кои отсекогаш биле желни за независност од Ирак, најверојатно истата и ќе ја добијат, ќе остане само да видиме дали Ирак воопшто ќе опстане како држава. Иднината не изгледа добро ниту за Сирија, каде што во моментов сеуште не е точно разграничено кој се бори, и против кого.
На едната страна е Ал-Асад, на другата е сириската опозиција, но прашање е дали таа воопшто и постои. Сеуште не се знае со сигурност, од колку организации е составена сириската опозиција и која е нејзината крајна цел. Се разбира, не смееме да ја заборавиме и исламската држава која полека но, сигурно си добива свои нови следбеници. Прашањето кое вистински треба да се постави тука е, каде е САД, каде е “полицаецот” во светот, и зошто сеуште нема никаква посериозна интервенција или пак некаков сериозен напор за стабилизирање на ситуацијата на блискиот исток.
Од друга страна, мора да се погледне и од американската страна на работите. Тие не само што се илјадници километри оддалечени од настаните на блискиот исток, туку и дадоа голем број на жртви за конфликти кои не беа популарни кај американската јавност. Тоа што за некого е можеби тешко да се разбере, е фактот дека американците ретко кога и интервенирале некаде, доколку немале “вистинска” причина за тоа.
Пример за последново е инвазијата врз Ирак и наследството кое оваа инвазија го остави врз ирачкото општество. Малку е познат фактот дека исламската држава барем сега за сега, го контролира едно од поголемите нафтени полиња во северниот дел на Ирак, но тие поважните кои се на југот од државата, во околината на Кувајт и Басра, во сопственост на British Petroleum, Exxon Oil, Shell, Lukoil и останатите, ниту се, ниту пак би биле во некаква опасност од било кого. Што се однесува до северниот дел на државата, нафтените полиња во Ирачки Курдистан допринесоа да се развие економијата во овој предел, кој сега за сега е единствениот кој успешно се бори против радикалните исламисти од ИД. Останатиот дел од Ирак, Мосул и околината, по се изгледа не се на приоритетна листа на западниот свет, но зошто и би бил некој пустински регион од приоритет за модерните капиталистички држави од западниот свет.
Страдањата на малцинствата, на Језидите, на Христијаните или пак на Мандејците кои живеат во тој регион со стотици години, како да не се така важни, па така секое кршење на основните права на овие религиозни малцинства останува само на осуда од страна на западот, осуда и ништо повеќе. Дали преовладеа желбата за профит и за поедноставно контролирање на светот од далечина, или пак сведоци сме на залезот на уште една супер сила.
Одговорот на овие две прашања и не е така едноставен, со тоа што и двете се барем делумно точни. Од една страна, САД никогаш нема да се откаже од тоа кое што во моментов го има, но како и секогаш, желбите се една работа, а можностите сосема друга. Ако има нешто што Авганистан и Ирак ни покажаа, тоа е дека секоја воена интервенција, окупација и борба со бунтовници, чини многу пари, далеку повеќе отколку што некој сака во моментов да потроши за некој дел од пустината на блискиот исток. Многу поедноставно е некој друг да ја води борбата за тебе, но што би се случило кога токму тие радикали кои во моментов се борат во Сирија и во Ирак, би се обиделе својата борба да ја пренесат на американско тло. Животот е многу полесен за живеење во САД отколку во Сирија на пример, а тоа што за жал, сеуште се случува во овој регион, создава и цели нови генерации кои како и постарите извикуваат смрт за Америка.
Останува да видиме до кога и дали воопшто ќе истрае стратегијата на САД за воздушна борба против исламската држава. Времето ќе покаже дали воопшто е можно да се победат религиозни фанатици, само со воздушна борба. Сепак, тоа што е најзначајно за целата ситуација е фактот што ниту едно од нафтените полиња на југот не се зафатени со конфликтот. Па така, барем во овој период, јужниот дел на Ирак може да ужива во некаков релативен мир, ако воопшто може да се нарече мир.
Се додека големите нафтени компании ги контролираат нафтените полиња и успешно ја извозуваат ирачката нафта, копнена интервенција на САД тешко и дека може да се очекува во Ирак, единствена шанса за такво нешто е некаков евентуален пад на Багдад во рацете на исламистите. Од друга страна пак, и воздушна борба е подобра од ништо, бидејќи со тоа се прави барем некаква разлика во борбата против радикалната исламска држава.
Автор: М-р Јован Ѓорговски
–ПРАВДИКО–